Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска ги објави имињата на луѓето кои ќе раководат со комисиите, новите тела преку кои партијата ќе ја следи и корегира работата на власта.
– Извршен директор и претседателка на Комисијата за надворешни работи, задолжена и за комисиите за информатичко општество и администрација и за европски прашања е заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.
– Извршен директор задолжен за комисиите за внатрешни работи, за правда и за одбрана е генералниот секретар Оливер Спасовски.
– Извршен директор задолжен за комисиите за финансии, за економија, за локална самоуправа, за труд и социјална политика и за енергетика е потпретседателот на СДСМ, Ванчо Узунов.
– Извршен директор задолжен за комисиите за земјоделство, шумарство и водостопанство, за транспорт и врски и за животна средина и просторно планирање е потпретседателот, Дамјан Манчевски.
– Извршен директор задолжен за комисиите за здравство, за образование и наука и за Комисијата за култура е потпретседателот, Александар Кирацовски.
Заев потенцираше дека не станува збор за влада во сенка, туку за партиски тела кои ќе бидат пандан на инститциите на централно и на локално ниво.
Тој информираше дека овие петорица ќе ја координираат работата на 17 комисии што ќе бидат постојан коректив на државните институции и предлагач на алтернативните решенија на СДСМ пред граѓаните, за проблемите со коишто се соочуваат. За претседатели на комисиите избрани се личности кои долги години ја следат работата во ресорите што ќе ги водат. Дел од нив се членови на Извршниот и Централниот одбор, дел од нив се досегашни претседатели на советите на партијата.
– Исто така, на вчерашната седница на Извршниот одбор е донесена едногласна одлука, носител на четвртиот столб од Стратегијата за политичко делување на СДСМ, „Партнерства за демократска Македонија“ да биде нашиот кандидат за претседател на последните претседателски избори, досегашен претседател на Советот за безбедност и НАТО интеграции, Стево Пендаровски – додаде Заев.
Претседателот на СДСМ одговарајќи на новинарско прашање рече дека СДСМ не се откажала од идејата за техничка влада и дека сѐ уште стои на петте барања за преговари со власта.
– Бараме техничка влада шест месеци пред парламентарните избори коги и да се одржат – повтори Заев и како што објасни не може вечно да се чека одговор од власт и оти тој очекува есенва да има некаква разрешница.
Одговарајќи на новинарското прашање дали во новите комисии има место за пратениците од претходниот состав, тој рече дека СДСМ смета на нив и оти огромен број од нив биле вклучени во работата на терен, меѓу граѓаните.