Кампања на Владата на РМ – И ти си телетабис!

1Жабјиот хор од провладини порталоиди се навредил од тоа што Најчевска на Фејсбук напишала оти македонскиот народ е глупав. Сите хористи пуштија крокодилски солзи, ги надуваа зелените образи со плунка и се истурија врз професорката, небаре животот им зависи од тоа. А којзнае, можеби и навистина животецот им виси на конец ако не ја испорачаат дневната доза од двеминутна омраза.

За порталоидиве многу е побитно кога Најчевска, во излив на бес и на немоќ – како што самата напиша на Фејсбук, ќе рече дека народот е глупав, отколку тоа што нивните идоли во власта веќе со години сите до еден нѐ прават будали. Не ни велат дека сме глупави, туку нѐ третираат како недоветни, како обични телетабиси, без способност да размислуваат и да расудуваат!

Како поинаку да се протолкува обидот да ни ја продадат приказната дека некакво си здружение на крушодарци од Лерин собрало куп евра и ги треснало на споменици. Притоа, храбриот патриот и лидер на крушодарци, извесен чикица Ташко Јованов веќе еден месец не може да смогне сили и да нѐ информира од каде неговото здружение има пари за пет (или седум беа) споменици сосе постаменти! Сумата на новата бронза не ја знае ниту авторката на два од тие споменици Валентина Стевановска, оти како што ни рече трошоците ги покрило здружението на Ташко, а таа само џабе не седела, туку џабе вајала! Наудрен се прави и Коце Трајановски, чија администрација ги прими бесплатните споменици и има обврска да ги одржува, а нема глас ниту од фирмата „Бауер БГ“, која градеше дел од постаментите. Газдата на компанијата никако да информира кој го ангажирал за спомениците и за колку пари, а богами го прашавме.

Сепак, оваа будалштина не може да се мери со маглата која властодршците ја направија околу случајот „Македонска банка“. Не верувам дека било кој македонски граѓани не разбрал, ама за секој случај чувствувам потреба да објаснам како власта успеа да ги замени тезите во овој случај. Наместо да се впрегнеа сите институции да откријат дали Груевски учествувал во продажбата на банката и дали тоа било надвор од законот, сите институции се погрижија Заев да одговара за клевета. Ова е толку апсурдно, што ќе мора да искористам една неверојатна претпоставка за да докажам колку нема смисла. Замислете, еве обидете се и замислете дека по некоја гоооолема случајност граѓанскиот суд одлучеше дека лидерот на СДСМ не го наклеветил Груевски, односно дека имал основи да се сомнева. Заев ќе си ги задржеше 50.000 евра, а на Груевски немаше влакно да му фали. Исходот на тој процес беше врзан со Заев и никако со премиерот, тоа е апсурдноста на целата шарада!

Апсурдноста ја има и во судската одлука, па ако сте паднале од Марс и ја читате пресудата, ќе сфатите дека Зоран Заев, еден сончев викенд отишол во родното Муртино, си копал во дворот на неговите, и таму, преку плотот го забележал Ден Дончев, кој преку оградата му шепнал за газда Нини и за продажбата на „Македонска банка“. Потоа, лидерот на СДСМ, ни две, ни три сето тоа го раскажал на прес-конференција! Тоа е така бидејќи за судот беше нерелевантна снимката и за него Ден Дончев беше обичен соселанец на Заев од струмичко Муртино, а никако генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ во првите години од партиското лидерство на Груевски.

Власта, јавната на крилата на порталоидите, исто така смета дека не треба да се занимаваме со тоа што премиерот во судницата одбегна директно да каже дали на снимката е неговиот глас или станува збор за некој друг човек. Нема ни демант на тврдењата на Шилегов дека премиерот не тужи за прес-конференцијата на која ја чувме снимката, ами за квалификациите што Заев ги давал за Груевски („татко на криминалот“) на претходните два преса и на митинзите отпосле.

Но, она што е најинтересно е дека Груевски, на прашање на Заев, во судницата си призна дека како премиер, како човек со сета моќ во државава не направил ништо да докаже дека продажбата на банката е чиста. Премиерот се извади со тезата дека тој што обвинува треба ги докажува своите тврдења.

Меѓутоа, останаа да лебдат прашањата чии се офшор-компаниите од кои газда Нини ја купил банката и како тоа такви фирми, сомнителни по секоја основа, уште претходно станале сопственици на финансиска институција. Навистина сакам да му верувам на Груевски дека е чист, меѓутоа некој од неговите момци ќе мора да одговори на овие прашања. Има таму два-тројца што знаат дури која трафика се затвори во времето на Бранко, не верувам дека не го знаат одговорот и на ова прашање. Исто како што знаат, ама не им се кажува чија е странската компанија која влезе во половина од македонските добростоечки бизниси, а ниту еднаш не ја промовираа како странски инвеститор!

Знам дека нема да кажат, ама редно е да им соопштиме дека не сме телетабиси. Колку и пари и труд да вложуваат во докажување на спротивното!

Поврзани новости