Заев ги избрал новите министри, утре ќе ги предложи до парламентот

by Фокус

Премиерот Зоран Заев утре ќе го достави предлогот за реконструкција на Владата, кој треба да биде усвоен на собраниска седница во наредната седмица. Од СДСМ и од Владата велат дека Заев во строга тајност ги држи одлуките во однос на кадровските решенија дури и од свои блиски соработници. Но, според упатените, покрај извесните промени во земјоделство, култура, екологија, се очекува промена во транспорт и врски, како и во уште еден ресор.

-Одлуките се донесени и во недела попладне ќе ги доставам до Собранието материјалите за сите промени што ќе се случат во Владата – изјави вчера Заев, најавувајќи дека паралелно се работи и на вториот бран промени со кој треба да бидат опфатени директори и членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија.

Како што неодамна објави Фокус, нов министер за екологија ќе биде Насер Нуредини, син на познатиот бизнисмен од Виена со потекло од земјава Аки Нуредини, додека сегашниот министер Садула Дураку треба да ротира во новото министерство за политички систем. Лидерот на ЛДП Горан Милевски, пак, се споменува како министер за локална самоуправа, додека НДП треба да добие министер без ресор. Во јавноста излезе информација дека професорот на Медицински факултет Хисни Исмаили е предлог на БЕСА за нов министер за култура.

Во однос на промените што се прават внатре во СДСМ, Заев истакна дека останува да се именуваат потпретседателите на партијата и уште 20-тина претседатели на општинските организации на партијата.

-Верувам дека до крајот на месецот СДСМ ќе ги донесе одлуките за избор на потпретседателите на партијата и мал дел на претседатели на општински организации кои останаа неизбрани – рече премиерот и лидер на СДСМ.

Поврзани новости