Етничките заедници соодветно ќе бидат застапени, но нема да се толерираат уцени и закани, рече претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска во Прилеп.
Ова е негов одговор на изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети дека „им се тресат нозете“ на Заев и на Мицковски од неговиот предлог за премиер Албанец и на изјаватана лидерот на ДПА, Мендух Тачи кој денеска ретерираше, но вчера изјави дека се можни меѓуетничка нетрпелиовст или војна доколку нема релевантни албански политички партии да учествуваат и во Владата и во Парламентот.
– Кампањата од луѓето прави сѐ и сешто. На шега велам, да, ми се тресат нозете. СДСМ со коалицијата „Можеме“ очекуваме, а е извесно возможно сами да обезбедиме мандати за формирање Влада. Но, и во такви околности ќе влеземе во коалиција за да има рамноправна застапеност во парламентарното мнозинство на сите етнички заедници кое ќе ја сочинува новата влада. Но, апсолутно никако нема да дозволиме уцени, закани, или какви било тајни преговарања. Може да се договараме за вредност, за интересот на граѓаните, за подобар живот на сите, на програмски определби, но уцени, никако, рече Заев.
Според него, ова е важно за да знаат граѓаните дека не зависи ниту од Ахмети, ниту од Заев, ниту од Мицковски или Тачи, ниту од Села или, кој било во државава, туку исклучиво од граѓаните.