Страшевски: Новиот Закон за ЈО е противуставен, „бомбите“ ќе важат или за сите или за никој

by Frosina Fakova

По стапувањето на сила на новиот Закон за јавно обвинителство за адвокатите на дел од обвинетите во случаите на поранешното Специјално јавно обвинителство, пак се спорни обвинителите од поранешното обвинителство кои продолжија да ги застапуваат предметите што ги имаа почнато пред судовите.

Адвокатот Јовица Страшевски, кој на јавноста и стана познат како бранител на обвинетиот во случајот ТНТ, Тони Трајковски, слично како неговиот колега Еленко Миланов, проблемот го гледа во обвинителите.

-На хартија секој закон е добар, но проблемот во Македонија е кој и како го спроведува, како го применува и колку политиката влијае на одлуките. Ако остане сегашниот состав во Обвинителство, преземен од СЈО, кој ги води најголем број од случаите, ирелевентно е каков е законот, крајниот резултат ќе биде ист, вели Страшевски.

Од досегашните јавни изјави на одбраната, може да се заклучи дека судењата за случаите на СЈО и со донесувањето на новиот Закон нема да се одвиваат глатко. Ќе се спорат и обвинителите, но и примената на „бомбите“. Новиот закон предвидува снимките да не важат како докази за случаите за кои нема обвиненија до спорниот рок, 30 јуни 2017 година.

Тој смета дека во делот на снимките, овој закон е противуставен, како што бил и законот за СЈО.

-Но минатото ни покажа дека тоа што е криво насадено, не може да создаде правда. Така и со овој закон. Сметам дека на сегашното мнозинство најважно им беше да не важат снимките во иднина, а да важат за случаите кои се во Суд, што е директно кршење на Уставот. Имаше различни ставови, мислења, толкувања и примени од страна на судиите околу ткн. „бомби“. Тоа покажа дека има различен аршин и нивна примена од случај до случај. Мојот став е дека или за сите треба да важат снимките или за никој. Тоа е резултат на носење на закон којшто го прават политичарите, а не стручната фела. Мое мислење е дека треба да се донесе Закон со кој целосно ќе се забрани секаква употреба – злоупотреба на ткн. „бомби“ и најстрого ќе се казни секаква нивна злоупотреба, освен за потребите на обвинителството и судот. Истите се злоупотребуваат на разни начини во политички цели, но и во уцени и дискредитација на одредени личности. Притоа со точност и сигурност не се знае кој се ги поседува и ги пушта и кој се има ткн. „бомби“, вели Страшевски.

Тој се надева дека конечно Обвинителството ќе започне постапки кои ќе бидат реални, законити како за поранешните функционери, така и за сегашните функционер. -За сегашните функционери се изнаслушавме и се изнагледавме голем број на индиции за сторени кривични дела. Само со непристрасно работење и на обвнителството и на судовите може да се зголеми довербата во обвинителството, па и во судството која во моментов е на мизерни 2-3 проценти, вели адвокатот од Гостивар.

Ф.Ф.С.

 

Поврзани новости