461
На денешното рочиште за случајот „Поткуп“, во кој обвинет е премиерот Зоран Заев, се слушаа прислушувани разговори на Заев, обезбедени со употреба на посебни истражни мерки. Овие разговори не можеа да ги слушнат новинарите, бидејќи се сметаат за тајни, па беа исклучени од судница.
Премиерот по завршувањето на рочиштето истакна дека во тие разговори нема никакви докази, бидејќи како што рече тоа се разговори на градоначалник како со секој друг граѓанин. За овој случај тој бил прислушуван повеќе од две години.
-Знам додека со ПИ- мерки сум прислушуван нешто повеќе од две години, а според моите сознанија знам дека согласно закон и за тероризам и други тешки кривични дела најмногу може да се прислушува до година и три месеци. Немам ништо што ме плаши во делот на разговорите од овој случај – рече премиерот.
Заев вели дека според бомбите кои ги имаше СДСМ, а потоа беа предадени на СЈО само од него имало снимки од над 10.000 разговори, дел стекнати со ПИ-мерките, дел нелегално.
Заев во случајот е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов – Сачавалиев за да му легализира градежно земјиште.