Заев: До крајот на годинава да добиеме препорака, во наредната и датум за преговори

by fokus

Намера на Владата е до крајот на годинава Македонија да добие чиста препорака за почеток на преговори со ЕУ, а идната година и датум за почеток на преговорите за пристапување на Македонија кон Европската Унија, рече денеска премиерот Зоран Заев на денешната прва тематска консултација што се одржа во Владата со граѓански организации и медиуми.

„Владата во првиот месец го направи првиот чекор и го обезбеди позитивниот амбиент за остварување на овие цели. Ние гледаме партнер за реформскиот процес во сите демократски и граѓански ориентирани сили во државата. Тоа се политичари, експерти, истакнати индивидуалци и секој граѓанин кој сака да помогне“, рече Заев.

Тој најави соработка на Владата со Парламентот, со партиите, граѓанските организации, синдикатите, коморите, заедниците, медиумите, граѓаните.

„Знам и препознавам дека позитивна енерија и оптимизам има и меѓу граѓаните. Нема да биде лесно, но вие граѓаните сте креативната силна на Владата. Јас сум уверен дека заедно ќе ги затвораме важните државни прашања со што долгорочно ќе ја обезбедиме потребната политичка и економска стабилност во Македонија. Овие процеси ќе бидат целосно отворени и отчетни. Успесите на оваа Влада се успеси на граѓаните на Македонија и на државата Македонија“, додаде премиерот Заев.

На денешната консултација зборуваше и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.

„Владата уште од првиот ден почна со интензивна агенда. Евроагендата е приоритет без алтернатива. Приоритет кој го бараат граѓаните на Македонија, бидејќи анкетите покажуват дека повеќе од 75 % од граѓаните се за членство во ЕУ и во НАТО“, рече Османи.

Тој најави дека ќе се разговара за владеење на правото, борбата против корупцијата, реформите на разузнавачките служби и на јавната админситрација итн.

Поврзани новости