Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска се сретна со високиот американски функционер Брајан Хојт Ји, со кого разговарале за актуелните случувања на политичката сцена во Македонија.
Опозицискиот лидер истакнал дека едностраните одлуки и насилното поништување на техничката влада ја усложнуваат длабоката криза и ја загрозуваат иднината на државата. Особено ја потенцирал одлуката на Иванов за аболицијата на политичари, со која вели дека само дополнително се продлабочила кризата.
„Поништување на одлуката на Иванов за аболиција мора да се случи што поскоро. Основно демократско начело е дека сите граѓани се еднакви пред законите и тоа мора да се обезбеди. Владеењето на правото и исполнување на сите услови за слободни, фер и кредибилни избори се клучни процеси за враќање на правдата, слободата и демократијата во Република Македонија. Само така Македонија може да зачекори восигурна и подобра иднина за сите граѓани“ порачал Заев.
За СДСМ, рекол Заев, решенијата може да се бараат во рамки на принципите договорени во Пржино како владеењето на правото, одговорноста и создавањето на сите неопходни услови за слободни, фер и кредибилни избори. Во спротивно, револтот на граѓаните може да ескалира.