Столтенберг: Нема влез во НАТО со аболирање политичари

by Фокус

Политичката криза може да ги урне надежите на Македонија за влез во Северноатланската алијанса, предупредува генералниот секретар на НАТО, Јенс Столенберг.

Коментирајќи ја ситуацијата во земјата, Столтенберг го повика претседателот Ѓорге Иванов да го повлече помилувањето на политичарите и нивните соработници.

– Вратата на НАТО e сè уште отворена, но особено е важно лидерите во земјата да се справат со проблемот на владеењето на правото, а тука спаѓа и повлекувањето на неодамнешното помилување кое го даде претседателот – рече Столтенберг.

Тој додаде дека за влез во Алијансата, мора да се обезбедат барем минималните услови за нормален политички и демократски живот во земјата.

Инаку, Уставниот суд Македонија денеска привремено ги суспендираше подготовките за избори на 5 јуни додека да реши дали распуштањето на парламентот во април годинава било во согласност со Уставот.

Европската комисија и Амбасадата на САД во Македонија ја поздравија одлуката на Уставниот суд, но порачаа дека аболицијата мора да биде укината.