Лидерот на СДСМ Зоран Заев на денешната средба со специјалниот пратеник Јоханес Хајндл порачал дека единствен излез од кризата е целосно спроведување на договорот од Пржино, за да се организираат, како што вели, брзи и демократски избори.
За таа цел опозицискиот претседател побара да се формира нова Влада за исполнување на условите за избори и нивно спроведување.
– На Македонија и се потребни брзи регуларни избори, што ќе ги организира и спроведе, како што предвидува Договорот од Пржино, Влада којашто ќе биде гарант дека ќе биде испочитувана слободната волја на граѓаните. Оваа Влада којашто спроведувала криминални избори досега, ја изгуби довербата и легитимитетот за тоа, рече Заев.
Заев рекол дека со политичка волја од сите страни е можно ефикасно прочистување на Избирачкиот список и обезбедување услови за медиумско балансирано известување.
На средбата, според партиското соопштение, заеднички е констатирано дека целосното повлекување на незаконската аболиција беше неопходен чекор, но потребни се уште многу реформи за непреченото спроведување на правдата.