Граѓаните на Република Македонија се обединети како никогаш досега во вредностите што го штитат човековото достоинство, што гарантираат еднаквост пред законот и правда за сите, што обезбедуваат економска стабилност на семејствата и безбедносна стабилност на државата, рече во своето денешно обраќање Зоран Заев, лидерот на СДСМ.
„И денес знаеме – различностите се нашата сила.Така победивме режим. И така создаваме живот. Ја обезбедуваме унитарноста, сувереноста и посебноста на Република Македонија. Десет години се боревме со автократски режим и сега сме на прагот на слободата, демократијата и европските перспективи.
Затоа овој 9 мај, Ден на победата над фашизмот и Народноослободителната борба, и Денот на обединета Европа, има посебно значење за нас. На чекор сме пред формирањето на новата, демократска влада во Република Македонија. Ви ветувам – со љубов кон Македонија градиме и ќе изградиме европска Република Македонија“, рече Заев во своето обраќање до јавноста.
Моментот мора да се искористи, вели лидерот на партијата.
„И што е Македонија, ако не Европа во мало. Земјите како Македонија не се создадени случајно. Тие се пример како секој има свое место во демократските процеси што го обезбедуваат напредокот и прогресот. И затоа успехот на Македонија во овој концепт на заедништво ќе биде успех и на обединета Европа. Европа знае – иднината е во заедништвото.
Повеќе од кога било ѝ се потребни овие успешни модели на функционирање затоа што и таа со секој нов предизвик се надминува себеси. И на Македонија повеќе од кога било ѝ е потребна Европа зашто ги повлекува граѓаните на нашата земја во еден просперитетен и надежен свет. Да, пред нас се уште многу предизвици за кои се потребни уште многу труд, енергија, ентузијазам. Тоа не може да го направи еден човек, ниту неколку политичари. Потребни сте сите. Секој со своето знаење, секој со она што е, може да придонесе во изградбата на современа, демократска и да, европска Македонија. Го заслужуваме тоа по сите предизвици низ кои поминавме и визијата и планот на коишто опстоивме“, рече Заев.