Покажавме дека сме народна власт и на локално и на централно ниво, покажавме дека го слушаме гласот на граѓаните и нивните потреби, последен пример за тоа е вчерашната одлука на Владата да ја смени локацијата на центарот за странци кој нема да се гради во Бардовци, порача вечерва од Карпош лидерот на СДСМ Зоран Заев.
-Овој период сме исправени сите пред нешто што е наша реалност и што беше реалност и пред 4 години. Сите може да направите паралела што се случуваше овие 4 години и да се навратите на претходните 11 години. Да се запрашаме сите, сакаме повторно кавги со соседите? Со целиот свет? Или сакаме пријателство и да одиме напред? – праша Заев.
Тој порача дека потребно е државата да продолжи на патот кон НАТО и ЕУ.
-Овде во Карпош ве повикувам сите граѓани на Карпош, сите да се обединиме и граѓанските здруженија и помалите партии, ни требате сите, ни требате за да го зачуваме правецот на државата. Ги повикувам сите и подавам рака дека учиме и заедно се унапредуваме, но, наша должност е да го сочуваме правецот на Карпош, на Скопје и Северна Македонија. А, тоа е интеграции внатре и надвор! – рече Заев.