Водечките претставници на надлежните институции утрово одржале средба со премиерот Зоран Заев поврзана со бегството на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, кој стана недостапен за институциите неколку дена пред да му биде изречена првостепената пресуда во предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“.
Како што неофицијално дознава Фокус, на средбата Заев побарал сите страни, секоја според своите овластувања, да преземат максимални и ефикасни мерки за лоцирање и обезбедување на Мијалков, за кого присутните изразиле верување дека се уште е во земјава.
Доколку не бидат испорачани конкретни резултати до четврток, велат нашите соговорници, премиерот најавил дека ќе испорача одговорност онаму каде има таква можност, односно во извршната власт, но воедно ќе повика на одговорност и во правосудната власт, без притоа, како што велат изворите, да стравува дека тоа ќе се интерпретира како мешање во друга независна власт.
Меѓу другото, дознаваме дека станало збор за мерките што се преземени досега во насока на идентификување на лицата што му помогнале на Мијалков да исчезне, односно на членовите на неговото семејство и обезбедување, при што било заклучено дека, ако има правна основа, ќе се преземат чекори за блокирање на сметки и затворање на деловни објекти поврзани со Мијалкови.
Според добро упатени извори, Владата и МВР на чело со Оливер Спасовски инсистираат дека најголемата одговорност за овој случај лежи во Јавното обвинителство, кое не било ажурно со барањето на притвор ниту во моментот кога обвинителството побарало казни за обвинетите во „Таргет-Тврдина“, ниту кога добиле сознанија дека обвинетиот Мијалков планирал бегство.
Висок владин функционер вели дека постојат сомнежи дека првичната информација за бегство на Мијалков ја дало лице што моментално одлежува затворска казна за еден од високопрофилираните судски случаи. Според него, барањето за притвор го натерало Мијалков на бегство, иако наводно казната бил спремен да ја одлежи.
Од друга страна, пак, Обвинителството на чело со Вилма Русковска тврди дека кај нив нема никаква одговорност, туку, како што посочуваат, обезбедиле информација која патем требало да ја обезбеди МВР, а кога полицијата веќе ја добила оваа информација, тие не постапиле целосно ажурно и респонзивно.
Сепак, велат упатените, обвинителството прстот го вперува и во Кривичниот суд, кој неколку часа ја одолговлекувал постапката за изрекување на притвор. Поради тоа, Русковска дури и му пратила порака на првиот човек на судот, Иван Џолев, во која таа револтирано вели дека за 4 часа ќе избереле Папа, а камоли да донесат решение за притвор.
Влатко Стојановски