Претседателот на Владата на Македонија Зоран Заев денеска имаше средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Брнз, при што во фокусот на разговорите беше Извршната наредба издадена неделава од претседателот Бајден којашто содржи јасни критериуми во делот на санкции за лица кои дејствуваат против демократските вредности, а доаѓаат од Западен Балкан.
На средбата беа потенцирани клучните полиња поради чие загрозување може да настапи санкцијата предвидена со Извршната наредба, а истите може да се однесуваат на лица кои ги загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на која било област или држава на Западен Балкан, како и оние кои вршат корупција или ги загрозуваат човековите права и демократијата.
Разговарајќи за Извршната наредба, премиерот Заев и амбасадорката Брнз изразија заедничко задоволство што во актот на претседателот Бајден фокусот е ставен и на борбата против корупцијата, што е клучен приоритет и на Владата на Македонија, при тоа истакнувајќи ја штетата што корупцијата и ја нанесува и на надворешната политика, на националната безбедност и економската стабилност, како на САД, така на Северна Македонија и на останатите партнери и сојузници.