Примената на сите точки од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија се одвива многу добро, а економската соработка меѓу двете држави никогаш не била подобра, истакна македонскиот премиер Зоран Заев по денешната билатерална средба во Софија со неговиот бугарски колега Бојко Борисов.
– Тукушто завршивме уште една блиска и пријателска средба со мојот добар пријател и пријател на Македонија, премиерот на Република Бугарија, Борисов. Остваривме корисна средба, како и до сега заради тоа што сите овие наши чести контакти исполнети со конструктивни разговори, договори и планови за идни соработки. Сето тоа е резултат на нашиот Договор за пријателство, добрососедство и соработка што нашите две земји го потпишаа. Имплементацијата на сите точки од договорот оди многу добро. Економската соработка никогаш не била подобра. Имаме стабилна трговска размена од над 500 милиони евра, со пораст од 12 проценти во 2018 година и нема да престанеме додека не стигнеме трговска размена од милијарда евра, што побрзо, изјави премиерот Заев.
Премиерот Заев најави дека во тек е договарање на втората меѓувладина седница на двете држави која треба да се одржи следниот месец во внатрешноста на Република Бугарија и на која ќе се разгледуваат новите перспективи на соработка и ќе се констатираат досегашните реализирани проекти.
Заев нагласи дека особено радува интензивирањето на прекуграничната соработка. Се работи, како што рече, со посебен интензитет на отворање на новите заеднички гранични премини „Клепало“, на потегот Берово – Струмјани, и граничните премини Пехчево – Симитли и Делчево – Невестино.
– Континуитетот на изградбата на патната и железничката инфраструктура на Коридорот 8, продолжува буквално од Скопје до бугарската граница се гради од три компании огромна патна инфраструктура, првата делница од железничката инфраструктура исто така завршува, во моментов во тек е изборот на техничкиот дел од изборот на втората делница од железничката инфраструктура којашто Скопје го поврзува со Софија, рече премиерот Заев, дополнувајќи дека се работи на проектната документација на уште едно гасоводно поврзување помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, помеѓу Петрич и Струмица.
Според премиерот Заев, зголемен интензитет на соработка на заеднички проекти, меѓу останатото, е резултат на огромната поддршка што Република Бугарија и ја пружа на нашата држава, посебно во нашите амбиции за ЕУ и НАТО интеграција.
Претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов во својата изјава ја нагласи зголемената соработка помеѓу двете земји и перспективите за нејзино продлабочување. Тој го нагласи поврзувањето на двете земји во повеќе области како што се културата, образованието и економијата, како исклучително значајно, соопшти службата за информирање на македонската Влада.