Груевски не смеел да ја помине границата со лична карта, обидот на Орбан да го оправда е неуспешен

by fokus

Гулијаш Гергери, министер и шеф на Кабинетот на Унгарскиот премиер Виктор Орбан, денеска изјави дека Никола Груевски легално ја поминал границата и тоа со лична карта, заклучувајќи дека низ Балканот се патува и со лични карти.

Ова е неуспешен обид на унгарската влада да го оправда Груевски дека легално ја напуштил Македонија, бидејќи тој иако ја имал личната карта кај себе, не смеел да патува со истата.

Поточно кога на едно лице му е изречена мерка на обезбедување преку одземање на пасош, тоа значи дека тој не може да ја помине границата ниту со лична карта или пасош од друга држава, бидејќи и на граничниот премин од македонска страна се иформирани дека лицето не смее да ја напушти државата.

Ова значи дека Груевски избегал преку див премин, или пак на граничниот премин надлежните замижале и се правеле дека не го гледаат. Откако веќе излегол од територијата на Македонија, што морал да го направи нелегално, следната граница можел да ја помине со лична карта. Поточно, можно е од Македонија да влегол во Албанија нелегално, а потоа со лична карта да влегол во Црна Гора, Србија и потоа да го пречекале пријателите од Унгарија.

Одземањето на пасош е мерка со која се обезбедува присуство на осомничениот или обвинетиот пред судските органи, па затоа ако во ваков случај може да се патува со лична карта, тогаш оваа мерка воопшто не треба да постои.

Груевски пред два дена на фејсбук објави дека заминал од Македонија и се наоѓа во Будимпешта, Унгарија.

Валентина Вурмо

Поврзани новости