Премиерот Зоран Заев вечерва на јавна дебата во Неготино ја побара поддршката од жителите на оваа општина за реализација на инвестицијата за отворање фабрика за обработка на отпад, што треба да биде лоцирана во Дуброво, на пет километри од Неготино.
Според Заев проектот ќе има големо влијание во намалувањето на емисијата на штетните гасови во 48 општини, ќе го намали микробиолошкото загадување, загадувањето на почвата и подземните води, како и дека ќе ја спречи појавата на неконтролирани пожари во сите диви и регулирани депонии.
Премиерот убедуваше дека се работи за инселератор со примарната селекција на отпад и кој работи на бескислородоно согорување, односно, нагласи, нема оџак и е затворен систем.
-Нема издувен дел којшто излегува надвор за да има загадување. Целосно затворен систем кој под дејство на топлина го разложува органскиот отпад и го преработува технолошки во три гасни суспстанци, кои понатаму во фузирањето создаваат топлинска енергија која како топла вода ја врти трибината и од неа произведува електрична енергија. Останува најмногу седум проценти пепел целосно употреблив во градежништвото, рече Заев.
Јавноста во Неготино не беше известена дека Заев доаѓа во Неготино, ваква информација не објави ниту општината, ниту градоначалникот. Граѓаните дознаа откако за трибината објави Здружението на граѓани „Ековита“. Образложението на локалните власти е дека поради ковид мерките ограничен е бројот на присутните.
Здружение на граѓани Ековита од Неготино уште претходно реагираше дека најавеното планирање на изградба на гасна централа за согорување на комунален отпад во Неготино, е нешто кое не смее да се дозволи да се случи во градот.
Тврдат дека инвестирањето во гасни централи за согорување на комунален отпад е дополнителен голем ризик за здравјето на жителите од Општина Неготино, кој ќе предизвика огромна аерозагаденост. Обвинија дека Локалната самоуправа работи нетранспарентно, нема искреност и не ги информира граѓаните, со што предизвикува сомнеж дека се привлекуваат сомнителни инвеститори со загадувачки индустрии, како што беше и случајот со депонијата и фабриката за РДФ гориво минатата година во Неготино.
Ф.Ф.С.