Огромен интерес за вакцинација во Кавадарци:Не дозволуваме вирусот пак да го покоси градот!

by fokus

Не сакаме градот повторно да го доживее сценариото од месец ноември лани, но и од март годинава, кога речиси во секое семејство имаше по некој инфициран со корона вирус. Затоа и немаме двоумење кога е вакцината против вирусот во прашање, веќе ги примивме двете дози – вака раскажуваат за „Фокус“ жители на Кавадарци, градот со рекордни 42 проценти на граѓани над 20 години кои се вакцинирале против Ковид-19.

Се сеќаваат на периодите кога во ковид одделенијата во градот се бараше болнички кревет плус, но и на сите оние кои не се изборија со вирусот. По силниот удар кој и го нанесе пандемијата на градот, ако на почетокот некој верувал дека короната е некаква завера, сега веќе речиси нема сомнеж дека свеста на граѓаните е променета, а на вакцината се гледа како на единствен излез од состојбата.

Се вакцинираат дури и деведесет годишни кавадарчани, со верба во науката, но и со цел да придонесат во подобрувањето на целокупната здравствена, економска и социјална слика.

Свесни се дека одлуката да се вакцинираат не е само лична, туку е од интерес и на целата заедница.
Во општината во која има 30.766 жители над 20 години, веќе 13.063 од нив ја примиле првата доза на вакцината.

Кавадарци според број на вакцинирани се наоѓа на високото второ место, додека најмногу, односно 53 проценти вакцинирани над 20 години има во Вевчани, каде прва доза примиле 1.007 жители, а 1.912 е бројот на тамошните жители кои се на возраст од 20 години, па нагоре.

За тоа дека интересот за вакцинацијата во Кавадарци е на завидно ниво во земјава, раскажува и д-р Диме Коцев, директорот на кавадаречката болница.

Тој вели дека медицинските тимови се отворени за сите прашања во врска со имунизацијата, и подготвени во секој момент да им излезат во пресрет на граѓаните, доколку имаат било какви дилеми или пак потреба од дополнителни информации.

-Во општината имавме 5.155 инфицирани со вирусот од почетокот на пандемијата. Моментално активни се два случаи. Кавадарци изгуби 155 свои граѓани од вирусот, самите тие бројки се доволен повод луѓето да сакаат да се заштитат себе, но и своите блиски на единствениот начин кој е ефикасен, и за среќа достапен на сите граѓани во оваа борба, а тоа е вакцинацијата. Драго ми е што кавадарчани покажуваат висока свест кога е имунизацијата во прашање, голем е интересот, тоа го покажува и статистиката. Процесот на вакцинација се одвива без проблеми, сме немале негативни искуства досега, верувам дека ќе се продолжи со истото темпо – појаснува д-р Коцев.

Информира дека во Регионалниот пункт во Кавадарци, којшто се наоѓа во спортската сала ,,Јасмин”, во периодот од 12.07.2021 до 07.08.2021 ќе се врши само процесот на ревакцинација, односно ставање на втора доза против Ковид 19.

Пациентите кои се заинтересирани за Ковид вакцинација (прва доза) од 12.07.2021 (понеделник), да се пријават во Одделот за имунизација во нашата установа кој се наоѓа во кругот на ,,Старата Болница” , без претходно закажување на термин, секој работен ден од 07 до 15 часот. Исто така ги информира граѓаните од населените места на Општина Кавадарци и Општина Росоман дека од понеделник (12.07.2021) се започнува и со теренска вакцинација според распоредот објавен подоле во текстот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости