Мандатарот Зоран Заев во своето финално обраќање пред гласањето за избор на нова влада им одговори на сите пратеници што дебатираа во Законодавниот дом во претходните два дена.
Тој тврди дека на бродот ќе му стават мотор и побрзо ќе оди од тоа досега.
– За сите 25 кандидати за министри, како и за мене, СЈО нема поведено истражна постапка. Исто така, парламентот мора да биде контролор на извршната власт. Не сакам одмазда и реваншизам. Ама, секој кој направил криминал и ако има докази за тоа, мора да одговара. Ако има доказ дека украле пари, нема да ги оданочиме, има да ги вратат парите – истакна Заев во Собранието.
Тој му се обрати на Африм Гаши, кој од говорницата тврдеше дека Заев е ист како Груевски.
– Јас не сум како Груевски, ќе ти го докажам тоа – додаде Заев.
Мандатарот пред сите истакна дека нема да дозволи никој од министрите да влијае на судија или обвинител.
– Ако некој случајно од министрите се дрзне да интервенира да влијае врз обвинител или судија, подобро сам да си даде оставка, оти јас лично ќе поднесам предлог за негова оставка. Повеќе така не може – тврди Заев.