Заев 4 дена на одмор во Охрид, министрите ќе користат продолжени викенди за на море

by fokus

Премиерот Зоран Заев и министрите годинава нема да имаат класични летни одмори. Речиси сите планираат да одмараат само неколку дена или да користат продолжени викенди.

Заев, годишниот одмор ќе го користи од 3 до 6 август, и со своето семејството ќе престојува во Охрид. Доколку дозволуваат работните обврски тој ќе искористи и дел од викендите во текот на август, соопшти денеска владиниот Сектор за односи со јавност, кој информираше и за годишните одмори и на министрите.

Најмногу одмор, односно пет дена има пријавено министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерката за труд и социјала Мила Царовска и министерот за култура Роберт Алаѓозовски. Министерката за одбрана и министерот за култура ќе летуваат во Грција, додека Царовска се уште нема утврдено каде ќе одмора.

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, за одмор ќе ги користи само викендите во август, без одредена дестинација.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, нема да користи класичен одмор, но доколку дозволат работните обврски, ќе искористи неколку викенди, најверојатно во Албанија.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, неколку дена со семејството ќе престојува во Грција, а министерот задолжен за комуникации транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, нема да користи официјален одмор, но ќе ги искористи викендите од август за да помине денови со семејството на локации во Македонија и Грција.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, ќе летува во Бугарија. Министерот за земјоделство, шумарство и  водостопанство Љупчо Николовски, својот одмор ќе го искористи во август, а локацијата се уште ја нема утврдено.

Во Грција на неколку денови одмор со семејството ќе отпатува министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, а во соседна Албанија и во Струга ќе одмора министерот за економија Крешник Бектеши.

Поврзани новости