Заедниците во кои растат нашите деца

by Fokus

Нема совршени решенија или крајна цел, постои само напредок и унапредување. Во таа цел, никој не може сам, туку сите заедно. Затоа, ајде да продолжиме заедно да го кокреираме нашето солидарно едно општество за сите, општество што интегрира, нуди можности, се грижи и поврзува

Фатмир БИТИЌИ

Овој викенд бев поканет на саем за граѓански организации и социјални претпријатија, чувството на мисија, кое беше силно, ме инспирираше за оваа колумна.

Влезени сме во третата година на (силни) кризи, моето лично искуство низ сите нив можам да го сумирам во следното – повик за солидарност!

На солидарност повикував(ме) за време на ковид-кризата, за носење маски и туѓото здравје, економската криза што го следеше ковид-периодот во која повикував(ме) на солидарност за зачувување на работните места и заштита на најзагрозените, па сѐ до оваа енергетска криза во која повикувам(е) на солидарност со разумно трошење енергенси, како и солидарност со пласманот и цените на производите.

СИТЕ СМЕ ОДГОВОРНИ

Кризите секогаш го ставаат на тест општеството и неговата отпорност да не ги напушти „здравите“ основи што ги има, обземено од страв и несигурност.

Верувам дека сите можеме да ја носиме одговорноста за тоа како нашите постапки денеска ќе се отсликаат на општеството, во кое ќе живеат нашите деца утре.

За ова сме сите одговорни, за нивната шанса, за секое дете да има шанса да расте во силна заедница, солидарна заедница, која им нуди скалила можности да го изберат патот на развој што го посакуваат.

Заедници што им даваат пример, заедници што ги учат, даваат мудрост и поддршка, заедници во кои ќе можат да се препознаат себе и своите вредности, и најважно, заедница во која ќе можат да ги препознаат своите сонови и нивното остварување.

НИКОЈ НЕ МОЖЕ САМ

Кризата (вклучувајќи ја и оваа низ која сега поминуваме) не нѐ дефинира. Она што нѐ прави кои сме е како реагираме и се однесуваме за време и по неа. Тоа е она што нѐ идентификува и со што сме пример или не во нашите заедници.

Какви заедници градиме за нив, сите сме одговорни. Како ги градиме и како ги коригираме аномалиите што се појавуваат во нив се пресликуваат во лицата на нашите деца.

Нема совршени решенија или крајна цел, постои само напредок и унапредување. Во таа цел, никој не може сам, туку сите заедно.

Затоа, ајде да продолжиме заедно да го кокреираме нашето солидарно едно општество за сите, општество што интегрира, нуди можности, се грижи и поврзува.

Поврзани новости