Владата засега нема склучено ниту еден договор за енергенси, понудата на Мицкоски ја чекаат до среда

by Fokus

Секоја понуда за набавка на поевтина електрична енергија е добредојдена и доколку некој има било какви контакти тие треба да се достават во ресорното министерство за економија и до ЕСМ  за да се разгледаат понудите велат од Владата за “Фокус” на прашањето дали се расположени за средба со лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски.

Тој во четвртокот го повика премиерот Димитар Ковачевски на дебата и на новинарски брифинг даде предлог за набавка на гас и мазут по поволна цена по преговори со добавувачи од Западна Европа.

-Од ЕСМ повикаа понудите да се достават не подоцна од среда. Овие понуди ги разгледуваат комисии, кои утврдуваат какви се условите за испорака, која е според меѓународните стандарди точката на преземање, кои се цените, диспозитетот и слично. Конечната одлука за прифаќање односно одбивање на понудата ја носи Комисијата за јавни набавки врз основа на претходно набројаните критериуми, додаваат од Владата.

На прашањето дали досега Северна Македонија има   склучено договори за набавка на гас, јаглен и мазут од Владата велат дека изминатиот период ги има ставено во функција сите свои капацитети за справувањето со предизвиците од енергетската криза.

-Реализирани се состаноци и во Софија, и во Белград и во Грција.  На овие состаноци е договорено да нема забрана за увоз на енергенси од Грција, бидејќи Грција можеше да се случи да забрани извоз на лигнит, на јаглен и мазут кои ги користи за производство на сопствена електрична енергија, се вели во одговорот.

Од Владата додаваат дека од страна на Бугарија постои волја од нивните вишоци произведени во нуклеарната централа дел да бидат испорачани преку директен договор на Република Северна Македонија.

-Но, заради тоа што Бугарија има законска обврска согласно својот закон сите вишоци да ги продава преку берза а цената на бугарската берза е повисока и од ХУПЕКС берзата, тие мора да имаат законска измена а немаат парламент во моментов со која што ќе овозможат директен договор за продажба на базна електрична енергија и дополнително одобрување од ЕУ бидејќи Бугарија е земја членка на ЕУ.

Дополнително во тек се разговара со државната енергетска компанија на Турција исто така каде што бараме базна енергија и преговорите ги води Министерството за економија каде што се преговара за дупло поевтина електрична енергија од берзанската.

 

Соња Танеска

Поврзани новости