Задоцнета реакција: Стручни тимови ќе го испитуваат земјиштето над Љубојно откако се направи масовна сеча на планината

by mladen 12:13
12:13

Жителите на преспанското село Љубојно цела недела одржуваа протести и блокади на локацијата над селото на која беше звршено масовно и прекумерно сечење на шумата, по што фирмата која ги изведуваше работите се повлече од теренот, а во неделата првиот пороен дожд направи голема штета за која зборуваа граѓаните.

„ Денес, по само еден час врнежи, огромна количина вода се слеа кон селото и го зафати просторот околу продавницата. Она што до вчера беше шумска почва што ја впиваше и задржуваше водата, денес е гол терен кој дозволува неконтролирано надоаѓање на порој. Ситуацијата е алармантна – со секое ново сечење ја губиме природната заштита, а наместо шума, добиваме поплави и ризик по безбедноста на луѓето “, велат жителите за „Фокус“.

Жителите сега тврдат дека сега биле испратени стручни тимови за испитување на земјиштето откако беше соголена планината, а тоа требаше да се направи пред да почне сечењето на дрвата.

„Иако сечењето моментално е стопирано, штетата веќе е направена – планините се целосно оголени. Она што е скандалозно е фактот дека дури сега, откако целиот предел е уништен, од Скопје се испраќаат стручни тимови за испитување на земјиштето – постапка што требаше задолжително да се спроведе пред да се дозволи и едно дрво да биде исечено.

Според информациите со кои располагаме, одговорни за ова се: Здравко Трајанов, директор на Национални шуми, п.о. Скопје и Илче Велјаноски, управител на фирмата-носител на јавната набавка.

Ова отвора сериозни прашања: Кој дозволил сечење без претходни елаборати и студии? Дали државата свесно дозволува вакво уништување? Кој ќе ја понесе одговорноста за непоправливата штета врз шумите и локалната заедница? Јавноста мора да знае што се случува, кој стои зад ова, и како ќе се спречи ваквиот еколошки злостор да се повтори“, прашаа жителите.

Претходно, жител од ресенско доби парична казна од 300 евра за време на протестите против сечата на шумата кај селото Љубојно. Тој бил санкциониран бидејќи со товарно возило истурил земја на патот за да ги блокира камионите што ги транспортираат исечените дрва.
Жителите предупредуваат дека селото се соочува со еколошка и инфраструктурна катастрофа поради масовната сеча.

Откако започнаа протестите на 12 август, сечата е запрена. Сепак, од Владата рекоа дека сè се изведува по закон.

„Испочитувани се законската процедура и контролите со кои се гарантира дека шумата природно ќе се обнови“, велат од Владата.

Според нив, за сечата е ангажирана професионална лиценцирана фирма избрана на јавен тендер, а работите се вршат под стручен надзор на ЈП
„Национални шуми“. Дрвата, како што информираат, се наменети за снабдување на локалното население со огревно дрво.

Орце Костов

Слични вести