Задолжителен негативен тест и карантин за сите кои пристигнуваат во САД со авион

by Fokus

Американскиот претседател Џо Бајден потпиша наредба според која сите што патуваат во САД со авион треба да имаат негативен тест за коронавирус пред да се качат и да бидат во карантин по пристигнувањето во земјата, јави ДПА.

– Поради новите варијанти на Ковид за кои учиме, воведуваме нова мерка за луѓето кои пристигнуваат со авион во САД од други земји, рече Бајден во говорот со кој го објави планот на неговата влада за борба против коронавирусот.

– Покрај задолжителното носење маска, секој што ќе дојде во САД со авион од друга земја ќе мора да биде прегледан пред да се качи во авионот и да се стави во карантин кога ќе пристигне во Америка, додаде Бајден.

– Нашата национална стратегија е сеопфатна, таа се базира на наука, а не на политика, таа се базира на вистина, а не на негирање, рече претседателот.

– Нашиот план започнува со агресивна, безбедна и ефекасна кампања за имунизација за да се исполни нашата цел да инјектираме 100 милиони дози вакцина во првите 100 дена од нашата администрација, додаде тој.

Бајден предупреди дека САД најверојатно ќе достигнат 500.000 смртни случаи од Ковид-19 следниот месец.

Новиот претседател потпиша голем број уредби за спроведување на стратегијата за борба на неговата влада против коронавирусот. Тие имаат за цел да го забрзаат производството на вакцини, тестирање, поддршка на истражување за нови третмани, собирање и анализа на податоци.

Поврзани новости