Зад Александар Маленко останале неплатени фактури, од НПФ се надеваат дека државата ќе го спаси Охридскиот пливачки маратон!

by fokus

Охридскиот пливачки маратон, меѓународна спортска манифестација која постои шест децении нема да се одржи годинава, според одлука на Националната пливачка федерација, бидејќи сметката на НПФ била блокирана. Оваа вест од вчера ја бранува јавноста.

Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, кој е покровител на маратонот, соопштија дека причина за неодржувањето на традиционалната манифестација е блокираната сметка, која пак се должела на финансиското работење на претходното раководство.

На чело на НПФ е Горан Стојановски, кој стапи на функцијата претседател во февруари годинава. Пред тоа, околу четири години, со мали прекини, претседател на федерацијата беше Александар Маленко, кој бил официјално сменет на седми февруари годинава.

Во разговор за ,,Фокус” претседателот Стојановски ги открива деталите за настанот кој е актуелна тема деновиве. Појаснува дека лично тој се залага да се одржи маратонот и да не се прекине традицијата, но потребна му е помош од државата, од Агенција за млади и спорт, од институциите.

Вели дека сепак, се надева како има надеж и оваа година маратонците да запливаат во водите на Охридско Езеро, а долгогодишните проблеми на НПФ да станат минато, но единствено со конкретна државна помош.

-Сметката на НПФ е блокирана околу десет години, тоа не е ништо ново. Станува збор за сума од околу 100.000 евра. Ова е проблем кој се пренесува од едно на друго раководство, но еден ден мора да се реши. Не е се изгубено, јас најмалку што сакам е да ми остане оваа дамка, дека во мојот мандат се прекинала една ваква, децениска традиција. Затоа верувам дека државата ќе ни излезе во пресрет, ова е настан од интернационален интерес – вели тој.

Појаснува дека за време на претседателскиот мандат на неговиот претходник, Александар Маленко, останале низа на неплатени фактури кои сепак, мора да се подмират.

-Од ланскиот маратон, кога претседател на НПФ беше Маленко, имаме неплатена фактура од хотел Метропол Охрид, каде беа сместени пливачите и раководството. Станува збор за сума од околу два милиони денари! Имаме неплатен долг за Ковид тестови, сумата која од тој период се должи кон Центарот за јавно здравје изнесува околу 65.000 денари! Од печатница каде се печателе маици имаме фактура со износ од околу 100.000 денари! Долг кон ФИНА од 5.000 долари, неисплатени награди на пливачи!- појаснува Стојановски.

Маленко пак, веќе подолг период не е во земјава и не е достапен за коментар. Живее во Словенија, каде се ожени за поранешната пливачка Метка Спаравец.
Единствено во јавност се огласи пред неколку месеци, да порача дека во Словенија има добар живот.

Стојановски додава дека се залага да се надмине оваа немила состојба, но сака да биде транспарентен. Токму поради тоа, решил јавно да обелодени со какви предизвици се соочува федерацијата, која без државна помош тешко дека ќе ги надмине актуелните проблеми.

-Искрено се надевам дека државата ќе го спаси пливањето! Со маратонецот Тони Стефановски се трудиме да дадеме максимум, но мора да се игра со отворени карти кон јавноста. Овие проблеми не може вечно да се туркаат под тепих, треба да се знае со што се соочуваме. Не е се изгубено, од институциите зависи како ќе заврши оваа приказна, која ја разочара македонската јавност и љубителите на пливањето – ни изјави претседателот на НПФ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости