Пецаков: Општина Охрид ќе го организира Охридскиот маратон

by fokus

Општина Охрид ќе направи се, односно 99 отсто Охридскиот пливачки маратон ќе се одржи, изјави денеска градоначалникот Кирил Пецаков по координативниот состанок со претставници на пливачките клубови од градот.

– За оваа година ќе направиме се што е и што не е во наша моќ да успееме да го организираме Охридскиот маратон. Ја повикуваме и државата, на што добив и веднаш одговор од Агенцијата за млади и спорт. Треба да пристигне директорот и да видиме на кој начин би учествувале тие во организацијата на маратонот. Начинот на раководење на маратонот години наназад и односот со него го гледам и по однос на посетеноста како од година во година се уништува и ќе мораме како Локална од наредната година да ги разгледаме сите опции, истакна Пецаков.

Посочи дека наградниот фонд кон пливачите не бил исплатен последните две-три години, а се поставува прашањето дали и годинава ќе биде исплатен.

– Не можам да сфатам како се доведуваме во ситуација да останеме без маратон, односно да поминеме со едно соопштение дека нема да се одржи поради блокирана сметка, состојба која трае долги години. Што правеле досега? За да поканите пливачи на маратонот потребно е месец дена однапред да се известат и да го потврдат нивното доаѓање. Сега се поставуваме во една временска крајна зона каде незнам колку би добиле позитивни одговори. Поканите се веќе испратени од вчера, сабајлево почнуваме да добиваме одговори, на кои потенцирам дека најбитно прашање е дали ќе има награден фонд, бидејќи наназад две три години не им се исплатени наградите на оние кои пливале, истакна Пецаков.

Во однос на учеството на пливачи и краткиот временски период од нивната покана, рече дека ќе побараат помош од легендите во македонското пливање меѓу нив Томи Стефановски и Евгениј Поп Ацев, преку својот личен интегритет и авторитет да го заложат да ги поканат пливачите, со цел годинава да се одржи Охридскиот пливачки маратон.

Информацијата за неодржување на 60. издание на Охридскиот пливачки маратон вчера ја објави претседателот на државата Стево Пендаровски, под чие покровителство се одржува манифестацијата, по средбата со претседателот на Националната пливачка федерација Горан Стојановски.

Поврзани новости