Забраната за емитување на македонска музика од страна на ЗАМП го одложи фолк фестивалот ,,Валандово 2016,, на неодредено време. Бидејќи традиционално фестивалот директно се пренесува на МТВ долги години наназад, оваа година наместо да се одржи престојниот викенд, ќе биде ставен во мирување, се додека ЗАПМ и Министерството за култура не најдат заеднички јазик и не го решат проблемот.
,,Сите сме доведени до една незавидна ситуација! Забраната на ЗАМП која што е главна причина за одложување на ,,Валандово 2016,, и не се знае до кога ќе трае,ни предизвика огромни материјални штети. Во организацијата на фестивалот се вклучени голем број на луѓе, имаме големи трошоци за снимање на песни, конкурси, комисии, проби со оркестар од 30 музичари, студио во кое што се снима… Значи ова е голем финансиски удар врз настанот, но и врз изведувачите чии што планеви се пореметија, некои мораа да откажат настапи поради учеството, па сега на некој начин извисија… МТВ не смее да го емитува настанот кој што трае два дена, има една ревијална и една натпреварувачка вечер, и се обидовме да најдеме некој компромис, но безуспешно. Проблемот со забраната треба да си го решат ЗАМП и Министерството за култура, но еве и до денес, нема никаков абер околу некоја евентуална спогодба. Со ова, пак ќе повторам, се нанесе голема финансиска штета,, – ни изјави Орце Гелевски, уметнички директор на фестивалот.
Инаку, фолк фест Валандово се одржува под покровителство на Општина Валандово и Министерство за култура и е еден од најголемите настани во општината кој што привлекува голем број на посетители секоја година. Валандовчани знаат да кажат дека градот им заживува само додека трае манифестацијата, и тогаш кафеаните работат со полна пареа.
Оваа година наградниот фонд за ,,Валандово 2016,, изнесува околу 30 илјади евра. Првонаградениот добива 10 илјади евра, 7.5 за второпласираниот и 5 за третото место. Исто така, четворица учесници добиваат награди од по 1.000 евра.
Забраната за емитување на авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување од репертоарот на ЗАМП започна на 20 септември, а од утре стартува забрана за емитување и на српски песни.
Вики Клинчарова