Британските власти повторно дозволија пристап на сите оние кои сакаат да се збогуваат со Кралицата Елизабета Втора, што времено беше стопирано поради должината на поворката за влез во Вестминстерската палата каде е изложен ковчегот со нејзините посмртни останки.
„Пристапот до поворката е обновен. Внимавајте, се чека повеќе од 24 часа, а температурите ќе бидат ниски во текот на ноќта“, предупредуваат од Владата, притоа посочувајќи на можноста од повторно затворање на пристапот кон колоната.
Легендата на британскиот фудбал Дејвид Бекам денеска беше во поворката, а проценка е дека чекал во редицата повеќе од десет часа.
Погребот на кралицата Елизабета Втора ќе биде в понеделник. Се очекува за церемонијата да допатуваат над 500 претставници од двеста држави, соопшти денеска британскиот Форин Офис. Меѓу нив има речиси сто шефови на држави и шефови на влади, како и над дваесет членови на кралски семејства.