Членот на младинската фудбалска репрезентација на Косово, 17-годишниот Ерион Кајтази, почина денеска за време на фудбалски натпревар, како последица на срцев удар, јави дописникот на МИА од Приштина.
Трагичниот настан се случи на гостувањето на неговиот матичен клуб Трепча ’89 во Призрен, на натпреварот со домашниот тим А&Н, во рамки на косовската Супрелига – јуниорска категорија.
Веста за смртта на 17-годишниот Кајтази, кого Фудбалската федерација на Косово (ФФК), но и домашните медиуми, го опишуваат како мошне талентиран фудбалер, освен неговиот матичен клуб и ФФК, ја потврдија и извори од болницата во Призрен, каде што тој бил пренесен по колабирањето на теренот и каде што е констатирана неговата смрт.
Во соопштението на ФФК се наведува дека за време на натпреварот А&Н – Трепча’89, Кајтази во еден момент паднал на теренот без чувства. Лекарските тимови на двата тима интервенирале за да му пружат прва помош, а потоа со возило на итната помош бил пренесен во болница, каде што е констатирана неговата смрт од срцев удар.
Сочувства до семејството, неговиот клуб и ФФК, освен косовските фудбалски и други спортски клубови, изразија и голем број личн ости од јавниот живот во Косово.