(Обновено) За Верушевски мозокот на нелегалното прислушување бил Груевски, а не Мијалков!

by fokus

Зоран Верушевски, поранешниот разузнавач и актуелен советник за безбедност на премиерот Зоран Заев, на денешното рочиште продолжи да одговара на прашања на Обвинителството поврзани со нелегалното прислушување во УБК.

Откако обвинетиот Сашо Мијалков рече дека нема прашања за Верушевски, како и останатите обвинети и нивните адвокати, обвинителката Ленче Ристоска продолжи да го распрашува сведокот, со цел да го појасни сведочењето од претходното рочиште, кога се оградуваше од „бомбите“, односно негираше дека Ѓорѓи Лазаревски лично му ги предавал материјалите.

-Кон крајот на 2010 година во СДСМ постоеше сознание за органичениот капацитет на власта и за проектот кој повеќе време се остварувал за контрола на комуникацијата насочена кон опозицијата. Ваквите информации доаѓаа од повеќе извори и потоа имав прилика таа документација да ја согледам, рече Верушевски.

Кога обвинителката Ристоска го праша Верушевски да појасни што точно подразбира под документација, тој наместо да прецизира дали мисли на „бомбите“, почна да кажува дефиниција за документација.

На поголемиот дел од прашањата Верушевски одговараше индиректно и со заобиколкување, иако тврдеше дека е многу јасен и конкретен. Па така на прашањето на обвинителката каде физички ги правеле анализите на документацијата која ја добивале и на какви уреди, сведокот рече:

-Анализите се мисловни процеси и се вршат индивидуално и се преодредени од интелектуалните кпацитети на поединецот. Илузорно е да се врзуваме за локација затоа што не можеме да знаеме каде и како започнува и завршува мисловниот процес, рече Верушевски.

Кога пак обвинителката го праша дали му се познати ситуации на изнесување на документи надвор од партијата, сведокот посочи:

-Во надмудрувањето на власта и опозицијата, Илија Димовски имаше голем успех и ги обезбеди документите за функционери од МВР и таа документација тогаш ја предаде на тогашната министерка Гордана Јанкулоска. Ова го знам од истрагата која ја направив, рече Верушевски, а Јанкуловска го гледаше со негирање.

Тогаш обвинителката барајќи прецизен одговор го праша уште еднаш дали му се познати ситуации на изнесување на документација од СДСМ, на што Верушевски рече дека тој не бил истражител, и дека само ги изнел своите сознанија и субјективно мислење.

Од неговото сведочење можеше да се заклучи дека Верушевски на еден начин го амнестира обвинетиот Сашо Мијалков, односно според него мозокот на нелегалното прислушување е екс премиерот Никола Груевски, кој го спомена повеќе пати, а Мијалков ниту еднаш.

-СЈО во овој предмет направи курцијално поместување на лицето кое требаше да биде првообвинето, а сега е во бегство во Унгарија. Суштината на оваа документација е дека е креирана од тој што имал најголем бенефит. Клучна е амбицијата на тоа лице кое ја имал таа патолошка желба да ја задржи власта по секоја цена, рече Верушевски.

Тој до Груевски ги построи и двајцата бегалци во Грција, Горан Грујевски и Никола Бошковски.

-Сериозен пропуст на СЈО е што не го обезбеди овој човек во судница, но и во државата. Со нетрпение ја чекам разврската на истрагата за бегството на Груевски. Убеден сум доколку имам моќ да ги повикам двајцата бегалци од Грција, тогаш ќе ја добиеме целината за овој случај, рече Верушевски.

Тој додаде дека тројцата бегалци го имале монополот на целокупната документација, а кога зборувал за тоа дека бомбите доживеале страотна модификација, мислел на нив.

-Овие лица кои се во комуникација со други разузнавачки служби и нанесуваат штета на нашата држава. Тоа што тројцата креатори на овој модел се надвор од државата е страшно, бидејќи не верувам дека некој ќе ги прашува за туризам или земјоделие, туку за карактеристиките на една витална институција, рече Верушевски.

Сведокот доби прашање и од судијата Владимир Туфегџиќ кој исто така од него побара конкретен одговор на какво компримитирање и модификација на документацијата мислел?

-Базичната документација, нејзината целосна структура беше во рацете на бегалците во Грција и Унгарија. Со тешко срце ќе го споменам првото име, на екс премиерот Никола Груевски, кој требаше да биде првообвинет, а кој оддржа две прес конференции и ја направи примарната деструкција презентирајќи дека станува збор за шпиунска мрежа и сечени и лепени материјали, затоа што таа документација во целост ја поседуваше, како монопол, рече Верушевски.

Актуелниот советник на Заев истакна и дека делот кој СЈО го поседувал на прислушувани материјали е минорен во споредба со она што го поседувале тројцата бегалци.

-Длабоко сакам и посакувам да дојдат и да се соочат со правдата. Несомнено ја поседуваат истата документација како и СЈО и само еден Господ знае колку се вкупно поседуваат, го заврши своето сведочење Верушевски.

В.В.

Поврзани новости