Откриен е вирус во пратка со свинско месо од Шпанија

by Фокус

Агенцијата за храна и ветеринарство утврди присуство на вирусот африканска свинска чума во пратка по потекло од Шпанија, која била со вкупна тежина од 21 тон и 312 килограми.

-Не претставува опасност, бидејќи воопшто не е пуштена во промет, веднаш е земена мостра, испитана е и денеска со сите преземени биосигурносни мерки ќе биде уништена – рече директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.

Инаку, пратката е внесена во регион во Бугарија, од каде преку граничниот премин Деве Баир е влезена во земјава и е откриена при спроведувањето превентивна мерка земање примероци од секоја пратка од животинско потекло.

– Продолжуваат превентивните мерки кои Агенцијата ги спроведува на терен. Апелираме до граѓаните да не внесуваат производи од животинско потекло во државата, особено од земјите каде е прогласена болеста африканска свинска чума. Продолжуваат мерките да се забрани чувањето на отворено на свињите во државата, како и мерката на депопулација во оние биоодгледувалишта кои немаат основни биосигурносни мерки – истакна Атанасов.

Поврзани новости