За три дена се забораваат млади луѓе, зошто цела година не може да се најде син ми?

by fokus

На втори април се наврши една година откако последен пат го видов мојот син Иле (31). Никаков глас, никаква трага нема од него за сето ова време. Ниту некому се јавил, ниту некој го видел. Среде бел ден излезе да се прошета и толку беше – за ,,Фокус” раскажува Снежана Лазаревиќ од Демир Капија, по чиј син се трага веќе цела година.

Во минатото во неколку наврати слушнала глас дека наводно бил забележан во Струмица, но се испоставило дека се работи за шпекулации. Сега, вели дека никој ниту и се јавил, ниту има било какви новости од страна на полицијата.

-Јас последен пат се јавив во полиција пред нова година, да прашам до каде е истрагата. Мене никој ниту ми се јавува, ниту пак имам било какви информации. Го нема, и тоа е се што знаеме.
Но, надежта не ме остава, постојано пишувам на мојот Фејсбук профил, апелирам до јавноста, но и му се обраќам на Иле во објавите, доколку прочита, да ми се јави, овенавме од грижи.
Стапив во контакт со администратори на група која објавува информации за исчезнатиот Матеј Периш од Хрватска, ги објавија моите апели кај нив во групата, пишувам во разни групи низ целиот свет, кај нашата дијаспора.
Јас сама, толку можам, не знам што друго да направам за да се најде син ми – појаснува мајката.

Кога е случајот на исчезнатиот Матеј Периќ во прашање, вели дека интересот за неговиот случај не може да се мери со интересот за младите луѓе кои исчезнале кај нас. За Периш целиот регион се крена, се објавија илјадници текстови во сите медиуми во поранешните Ју републики, нема човек кој не ја видел неговата слика. Кај нас, вели, за жал, секое чудо за три дена.

-Нема споредба помеѓу масовната потрага по Периш и по потрагата по исчезнатите млади лица кај нас. За три дена паѓаат случаите во заборав. Ама мајчиното срце не заборава никогаш, грижата и неизвесноста се тука исто како и првиот ден.
Но, што можам да направам освен да се надевам дека полициската истрага ќе даде резултат, дека син ми ќе биде пронајден жив и здрав… Последен пат телефонот му бил лоциран во областа кај старите тунели во Демир Капија, ден по исчезнувањето, на трети април, лани. Достапен бил до 20 часот и 30 минути. Што се случило потоа, каде заминал, останува непознато- вели мајката.

Фотографија од Илија Лазаревиќ е објавена и на официјалната страница на МВР во делот за исчезнати лица. После него во Македонија исчезнале уште неколку лица чии фотографии исто така се објавени на страницата.

Се работи за две повозрасни жени, но и две момчиња на возраст од 30 и 34 години. Исто така, објавена е и фотографија од 10-годишниот Петар Џобески од Прилеп кој исчезна во Мариово на 25-ти февруари.
Фотографија и информации за 60-годишната сметководителка при Факултетот за безбедност, Виолета Крстевска Јаневска, која исчезна на 22-ри март, се уште не се објавени на страницата на МВР.

Вики Клинчарова

Поврзани новости