Меѓународниот монетарен фонд во својот најнов извештај повторно изрази загриженост за одржливоста на македонскиот пензиски систем. ММФ алармира дека дефицитот во ПИОМ мора да се намали, но и дека неопходна е фискална консолидација за стабилизација на вкупниот јавен долг.
За урамнотежување на пензискиот фонд пак, ММФ предлага зголемување на старосната граница за одење во пензија и воздржување од „великодушни” зголемувања на пензиите.
-За да се обезбеди одржливост, ја охрабруваме Владата да ја разгледа можноста за подигнување на старосната граница за пензионирање и да имплементира политики на зголемување на активната работна сила и зголемување на придонесите…Потребни се заштеди, преку рационализација на на земјоделските субвенции и трансферите кон локалната власт кои не се добро насочени, како и воздржување од ад хок зголемувања на пензиите и великодушните индексирања- стои во соопштението на ММФ.
Од таму предупредуваат дека дефицитот во пензискиот фонд кој изнесува значителни 4,5% од БДП е проектирано да се зголеми повеќе од двојно до 2030 година.
Инаку, ММФ во неколку наврати укажуваше на неодржливоста на ПИОМ на подолг рок, а алармот го вклучи и Светска банка.