За случајот „Чичек“ обвинети 20 лица за криумчарење на мигранти

by fokus

Од Обвинителството за организиран криминал и корупција информираат дека за случајот „Чичек“ е поднесено обвинение за 20 лица, кои се обвинети за криумчарење на мигранти.

-По сеопфатна истражна постапка што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја спроведува од февруари годинава против 21 лице, надлежен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави Обвинителен акт против 20 лица. Едно осомничено лице е недостапно за органите на прогонот и за него истражната постапката е запрена до негово пронаоѓање. Деветнаесет лица се товарат дека сториле кривично дело – „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ по чл. 418-в и кривично дело -“Криумчарење на мигранти“ по чл.418-б од Кривичниот законик, а едно лице е обвинето дека со умисла помогнало на организираната група во вршење на кривичното дело Криумчарење мигранти.

Во мај минатата година, тројца од обвинетите создале и организирале криминална група за криумчарење мигранти на која се придружиле и останатите обвинети лица. Во периодот од мај 2018 година до февруари 2019 година групата организирала криумчарење на илегални мигранти од Авганистан, Пакистан, Ирак и Бангладеш. Организаторите на криминалната група во нашата држава заедно со организатори на криминална група во Р.Грција го договарале бројот на илегалните мигранти што треба да бидат пренесени од Р.Грција на македонска територија, времето и местото на преносот. Тие го определувале бројот и видот на возилата што ќе бидат употребени за прифаќањето и превозот на мигрантите, распоредот односно редоследот на движење на возилaта во двата правци, вршеле поделба на задачите на секој член од групата и го определувале начинот на меѓусебна комуникација.

Мигрантите, најнапред со помош на водичи т.н. “качаци“ како предводници на групата илегално пеш преку т.н. “зелена граница“ биле пренесувани од Р.Грција до договорена локација во околината на Гевгелија, Богданци, Дојран, Струмица и Радовиш. Таму други членови на групата со патнички и товарни моторни возила ги преземале и се упатувале кон кумановско – липковскиот регион. При превезувањето, дел од членовите имале улога на т.н.„чистачи“ и преку „телефонска – конференциска врска“, ги известувале возачите за поставеноста на полициски патроли на рутата по која се движеле возилата и им давале насоки да го сменат правецот на движење кон некоја од претходно извидените попатни локации. Мигрантите биле времено сместувани и засолнувани, во објекти на соработниците на криминалната група во с.Ваксинце и с.Лојане, а потоа преку македонско – српската граница заминувале на територијата на Р.Србија од каде биле криумчарени кон државите на Европската Унија, појаснуваат од обвинителството.

Поврзани новости