За слободата и за смрдеата

by lali 11:32
11:32

Додека скролав по програмите, налетав на ТВ Сонце и емисијата „Гласот на народот“. Обично веднаш продолжувам понатаму, но сега застанав за миг. Гостин беше, како што го најави водителот, некој професор и доктор на науки чие име не го слушнав, но тоа е и сосем неважно за оваа средба. Сепак, се работи за синдром, а не за индивидуа. Човекот беше во поодминати години, седнат во тоа двосетчето во студиото како за грев. На него црно оделце и бела кошула, со кравата до колена која му покриваше поголем дел од телцето. Вистински гуру – историчар.

Ја почнаа прикаската водителот и историчарот. Со супер честа употреба на зборовите „артефакти“, „научно докажани вистини“ и „замислете“, историчарчево говореше за антимакедонската стратегија која се спроведува од праисторијата, па наваму. Ни помалку, ни повеќе – од праисторијата! Скокаше старчево, од периоди пред 16 илјади години до Букурешкиот договор, до денес и обратно, период во кој човештвото се занимавало со уништување на македонската величина. Измеша толку работи што, по некое време, почнав да се грижам за неговото здравје, а и за здравјето на оние што го сфаќаат сериозно.

- Advertisements -

Меѓу другото, човечево распреде една фантастична теорија за „македонското потекло на ариевските нации“ (така кажа), за Македонците како први и најизворни Ариевци. Коренот на сите јазици од Владивосток до Канада е македонски – да, и тоа го кажа. Во Албанија живееле 80 отсто Македонци, Срби и Црногорци. Германците ја фалсификуваат историјата и ја преименуваат илјадагодишната македонска империја во Византија за да го хеленизираат споменот и доказот за македонскиот корен на човековата цивилизација. И така со ред. И за сѐ постојат артефакти и научни вистини…

Не можев да го догледам, имав многу работа, но имам намера да ја најдам снимката од оваа емисија и да ја прегледам уште еднаш, повнимателно. Честам кафе ако токму Вие, почитуван-а читател(к)е, ми ја најдете снимката од емисијата чија реприза одеше околу пладне, в недела, 20 јули, на споменатата ТВ станица.

ВРАЌАЊЕ НА СОНЦЕТО НА ВЕРГИНА

За времето колку што успеав да го слушам, гостинот на „Гласот на народот“ истреска такви глупости што, да не бев сигурен дека идејата на емисијата беше сериозна, ќе кажев дека е извонредно успешна хумористично-сатирична емисија. Тоа што докторов на науки го промовираше во својот настап беше тажникав аматеризам заснован на теорија на заговор, гротескно и налудничаво дрдорење, кое може да служи само за подбив со оние кои веруваат во тие антибајки. Од друга страна, ваквиот начин на размислување и јавна промоција се доказ за хегемонистичките сништа и идеологија заснована на расизам и ултранационализам, а кои толку ревносно и на институционално ниво се негуваат во Македонија.

Вакви ноторни глупости веќе одамна не се реткост во етерот. Тоа е новиот начин – невешт, вулгарен и груб – за агресивно креирање на јавното мислење и масовна реедукација на населението, односно инженеринг на колективното помнење.

Неодамна слушнав фрагмент од говор на некој тип, кој од говорница некаде во дијаспората во, кој, меѓу другото, се вели дека претставници на владата ветувале дека му ќе се врати статусот на старото знаме, сонцето на Вергина, како државно знаме. Нема да ме зачуди ако оваа тајна програмска ставка, наменета само за „усно предание“ во дијаспората, се преточи во предлог за уставна промена во блиска иднина. На утринските контактни програми на националните ТВ станици се поставуваат „патриотски“ теми, давајќи им така простор на колку сакате чукнати типови кои го леат отровот на омразата секое утро.

На плоштадите, на куќите и шупите, на секоја чука се веат знамиња како да сме во војна. Црквите и џамиите станаа порелевантни едукативни (читај: пропагандни) и социјални центри отколку што тоа институциите биле кога и да е во минатото. Медиумите ги следат во чекор. Воени злосторници се пречекуваат како национални херои, а парамилитарните формации од двете страни се величаат и се одржуваат живи на различни начини – во слогани, песни, графити и пароли, па и (полу)тајни друштва, спремни за „второ полувреме“.

КОГА ГЛУПЧОТО СТАНУВА ЕЛИТА

На карирани асталски чаршафи со „егејска“ салата и жолта ракија, овие маргиналци цимолат по евтините локали откако знам за себе. Но, сега се и автори на книги, па и учебници, креираат официјални или полуофицијални политики и ја туркаат земјата во сѐ подлабока изолација и земјава ја претвораат во предмет за подбив, па и за презир.

И како што тие наци-маргиналци станаа елита, така говорот на омраза, дискриминацијата и недемократското владеење станаа доминантни карактеристики на мојата и твојата, нашата земја. Така го нахранија и албанскиот ултранационализам и им дадоа простор на пароли од типот „Shqipëri etnike“ (етничка Албанија). Не дека не постоеше таквиот национализам и без да биде поттикнат, но сега му дава бришан простор за дејствување, if you see what I mean. Резултат – експлозивна направа позната во светот под референцата FYROM.

ДЕГЕНЕРАТИВНИ ПРОЦЕСИ

I sit and look out upon all the sorrows of the world, and upon all oppression and shame… – Walt Whitman
(Седам и гледам на сета тага на светот, на сето угнетување и срам… – Волт Витман)

Ги гледам дегенеративните процеси во оваа земја. Го гледам топењето на разумот под наездата на огнот на глупоста. Ја гледам својата и младоста на мојата генерација која замина во мрачната ништожност на неповратот, ситнејќи ги годините во попусти надежи дека „ќе биде подобро“.

Ги гледам новите генерации, убиени во мугрите на нивните животи, нивните душички контаминирани со болните фантазии на луѓе чии лакти треба да се потпираат на карираните асталски чаршафи, а не врз ’рбетот на граѓан(к)ите, особено на врз оној на децата. А токму таму се сместија. И додека го пишувам ова, знам, „елитата“ (не можам, а да не ги ставам под наводници барем еднаш), си вели: „Еве го овој, повторно атакува за странски пари со црни сценарија“ и слично на тоа. Повторно ќе си кажат, а можеби и ќе објават, дека работам за оваа или онаа странска држава или институција, дека сум партиски или не знам како обоен, дека работам против македонските интереси.

Со години трае овој бесрамен, жолчен атак на сите што мислат поинаку елитата изнедрена од подрумите со мирис на лук и цревца. Изнедрена од истите места каде што и ние одевме затоа што, всушност, и немаше каде во тоа време. И каде што им се смеевме, тресејќи со главите во неверица дека такви типови постојат. Да, постојат. И сега се елита. На површина излезе грдото лице на човекот-нечовек. Порано, не бев сигурен дали тоа што го читам или слушам од медиумите е резултат на убедување или на добро осмислен популизам кој мора да е приглуп за да работи. Не можев да замислам дека тие што блујат гнасотии за слободномислечките луѓе навистина и веруваат во тоа.

БЕЗВРЕДНИ БЕЗРБЕТНИЦИ

Имаше мигови кога се сомневав дека се толку ограничени. Но, гледајќи ги на екраните таквите како оној од почетокот на овој текст, читајќи ги весниците, но и учебниците, почнав да верувам дека се такви, едноставно, плитки, ограничени, пакосни, зли и… Со еден збор – никакви. И дека се убедени во лагите и во глупостите што ги наметнуваат.

Но, ако се погледне подобро и подлабоко, станува очигледна немоќта на овие безвредни безрбетници. Станува очигледно дека им е тешко и дека ги мразат слободоумните, не затоа што овие се силни и влијателни, тоа веќе одамна не се, туку затоа што им завидуваат. Токму тоа беше и инспирација за мојата поема што ја напишав неодамна: The Heights Where I Sit With My Friends (Висовите каде стојам со моите другар(к)и). Да, пишувам на англиски јазик, уште еден „аргумент“ во устата на оние што ме нарекуваат со разни имиња и кои доаѓаат од подрумите од двете страни на реките со урнати мостови или мостови кои никаде не водат.

Сакам да ви ја пренесам поемата овде, на македонски јазик, тој што го владеам подеднакво добро како и англискиот на кој ја напишав. Сите други јазици не ги владеам толку добро како овие два. Пардон, српско-хрватскиот го познавам исто толку добро како и англискиот и македонскиот. Турскиот само го говорам. Албанскиот, францускиот и германскиот по малку. Ете ви, уште „аргументи“…

Како и да е, поемата оди вака:

Мислите дека можете да стасате до овие висови
каде стојам со моите другари?
Мислите, ако приграбите моќ,
можете да се воздигнете до овие височини?
Се дрогирате со жални фашистички фрази
и се убедувате дека сте грандиозни. Ах! За миг,
само за миг.

Да, длабоко во вас,
има едно чувство
тој малечок ѓавол на сознанието.
Го слушате тој пакосен шепот во главите
– Мизерни сте
и
– Мали сте
и
– Патетични сте

А јас и моите другари сме
недостижни и недопирливи за вас.
Тогаш, ги одврзувате кучињата
и започнува ловот.
Некои од нас ќе убиете,
некои ќе ги уапсите или згазите,
плукате на нашите лица,
кажувате лаги за нас.

И имате чувство дека сте победиле. За миг,
само за миг.
Си кажувате уште една лага.
Имате чувство дека
вашата орда сјае
и дека сте заслужиле златни букви
на страниците на историјата.

Историјата е напишана со едноставни букви, батки,
црни букви на груба хартија,
тоа е тоа.
Златните букви се за вашите кичести згради
и ќе се најдат на некои од вашите гробови,
никаде на друго место.
Кратка е прославата на вашата победа.

Сфаќате,
вие сте мизерни,
фрустрирани,
ниски форми.

Сфаќате дека никогаш нема да бидете
како мене и моите другари.
Парите и моќта не можат да ве променат.
Би сакале,
но вашето сељаштво
смрди од внатре.
Лигави сте и плитки,
примитивни и глупави.
Тоа е тоа, батки.
Не можеме ништо да сториме во врска со тоа.

Мислите дека насилништвото е победоносно?
Убиј, уапси, навреди и повреди.
Вие нема да станете подобри, ние нема да се снижиме.
Убиј, уапси, навреди и повреди.
Вие можете да одземете живот, но не и слобода.

Мислите дека изгледате подобро
ако направите ние да изгледаме полошо?
Нам не ни треба моќ да бидеме моќни.
Не ни требаат пари да бидеме богати.
Не ни треба добар изглед да бидеме големи.
Не ни треба потврда дека сме убави,
бидејќи ние сме убави.

Не можете да ги промените фактите.
Не можете да се промените себе си.
Што и да се обидете,
што и да возите
или куќи изградите,
титули лажни си доделите,
колку луѓе и да убедите
или заплашите да ви аплаудираат
– ништо нема да ви помогне.
Ќе останете тоа што сте,
ќе останете кајшто припаѓате.

Жал ми е.
Ве жалам, батки.
Навистина ве жалам.
Имам и за вас место во моето срце.
Но, има едно нешто што не можам да сторам за вас.
Не можам да ја сопрам таа зомби смрдеа
што извира од вашите мозоци и души.

Знам дека го читате ова.
И знам дека се смеете иронично.
Продолжете со смеење. Знам,
длабоко во вас има едно болно сознание. 
Го чувствувам вашиот гнев измешан со срам како расте во вас.
Што да правам.
Тоа сте вие.

Во дисклејмерот на оваа песна секако треба да стои дека се извинувам за грубиот речник, но таква е поезијата, извира од срцето и не сопира пред лажните норми и потребата да се биде претпазлив и фин. Не сум елитист, ако така ви зазвучи поемава. На крајот на краиштата, се работи за поетска слобода и нема зошто да се објаснувам. Само, имајте предвид дека моите другар(к)и за кои пеам овде се сите обични-необични луѓе на овој свет. Тие се искачени на спиритуалните висови за кои пеам овде. И ти, драг-а мој-а читател(к)е.

Ти посакувам пријатен викенд на висовите. Слободата не може никој да ви ја земе. Но, не заборавај, слободата не треба ни да ја дадеш или замениш за нешта на кои им робуваат пионите.

Поврзани новости