Државната изборна комисија го усвои регистарот на радиодифузери, печатени медиуми, електронски медиуми и интернет портали, на кои ќе се врши платено политичко рекламирање за претседателските и парламентарните избори.
Во регистарот се 249 портали, 37 телевизии, 35 радија и 11 весници. Партиите нема да можат да нарачуваат платено политичко рекламирање во медиуми кои ги нема во регистарот на ДИК и на нив нема да може да им исплаќа пари од трансакциската сметка за изборната кампања.
Годинава парламентарните и вториот круг претседателските избори ќе се одржат заедно на 8-ми мај. Според пресметките на ДИК, за платено политичко рекламирање ќе бидат потребни 10,6 милиони евра.
Кампањите на политичките партии ги плаќаат граѓаните односно се финансисраат со пари од државниот буџет. Законот предвидува по 45 проценти од сумата да добијат двете најголеми владејачки и двете најголеми опозициски партии.
Притоа, 7 проценти ќе одат кај партиите што на претходните избори освоиле пратеничко место, меѓутоа немаат доволно народни претставници за пратеничка група и само 3 проценти се предвидени за партиите што не се претставени во Собранието.