По неколку години одбивање на 6.000 евра за „Макфест“ од Министерството за култура, Општина Штип годинава прифати 16.000 евра!

by Fokus

На конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес во културата, музички манифестации и фестивали за 2024 година, фестивалот за забавни мелодии „Макфест“ Штип, доби сума од 1.020.000 денари од страна на Министерството за култура.

Годинава, за разлика од минатото, од министерството се решиле да го финасираат популарниот фестивал со над 16.000 евра, сума повеќе од двојно повисока од претходните години, кога од министерството беа доделувани суми од 399.999 денари, односно околу шест илајди евра, за фестивалот со долга традиција кој е еден од најреномираните кај нас, а од општината одбиваа да ги прифатат средствата.

Како што во неколку наврати истакнуваше штипскиот градоначалник Иван Јорданов, таа сума била понижувачка, па поради тоа и не ја прифаќале, а „Макфест“ изминативе години беше финансиран од општината и од спонзори. Минатата година Јорданов истакна дека општината сама успеала да обезбеди околу 100.000 евра за фестот на кој се промовира македонската култура, јазик и национален идентитет.

Годинашниве повеќе од двојно зголемени средства доделени на конкурсот, општината решила да ги прифати, а веста за ,,Фокус” кратко ја потврди градоначалникот.

Освен „Макфест“, годинава на конкурсот беа одобрени средства за голем број на музички манифестации и фестивали, помеѓу кои Фолк фест „Валандово“ – 1.500.000 денари, „Д Фестивал“ – 1.020.000 денари, „Охридски Трубадури“ – 408.000 денари, „Глумците пеат“ – 408.000 денари, „Златно славејче“ – 408.000 денари, „Скопски џез фестивал“ – 3.800.000 денари, „Танц фест Скопје“ – 1.900.000 денари и многу други.

Вики Клинчарова

Поврзани новости