Граничниот премин Керем Шалом меѓу Израел и Газа денеска беше отворен за првпат од почетокот на војната и овозможен е премин на камиони со хуманитарна помош, изјави портпаролот на кабинетот на израелскиот премиер.
Тој граничен премин е затворен за камиони од 7 октомври, кога Хамас изврши дивјачки напади врз јужните израелски населби, по што израелската армија започна офанзива во Газа. До почетокот на декември, Израел ги отфрлаше повиците на ОН и други за отворање на преминот, но се согласи да го отвори минатата недела.
„Од денеска, камионите на ОН со хуманитарна помош ќе бидат подложени на безбедносна проверка и ќе бидат испратени директно во Газа преку Керем Шалом“, соопшти израелската управа COGAT, одговорна за координација на активностите со палестинските територии.
Објавени се и фотографии од нанижаните камиони, пренесува германската агенција dpa, повикувајќи се на изјавата на COGAT дека со тоа ќе се зголеми дневниот износ на помош за Газа. Поради катастрофалната хуманитарна ситуација во опколената и блокирана палестинска енклава, Израел беше под силен меѓународен притисок, вклучувајќи ги и САД, најблискиот сојузник на Израел.
Досега ограничени количини хуманитарна помош се испратени од Египет преку преминот Рафах, кој не е доволно опремен да го прегледа големиот број камиони.