За нештата да станат појасни: Ќе бидеме критичар на власта, ама не и сојузник на ДПМНЕ!

by Fokus

Текстот е објавен на 1 јуни, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1130

Пишува Јадранка КОСТОВА

Одамна не сум се чувствувала вака издишано. ДПМНЕ е конечно опозициска партија, а новата влада, освен на тема „човечки ресурси“, нема за што да ја анализираш или критикуваш. А фокусовски е, нели, да сториме троа „лоша“ дума за власта. Еве, прво, ич не ме бендисува што владата ќе има толку многу министри, 26 бре, небаре сме стотици милиони жители. Особено сум антипротивна на министерства без ресор. Оти абер немавме никогаш што безресорните сработија, па ги третирам како жив зијан за буџетот.

Втор „амандман“ поднесувам за кадровската министерска понуда од ДУИ. Имам дојам дека се предлог на Груевски. Не ме асоцираат на реформисти. А и не можам да се правам мутава дека за некои фаци во бомбите имаше троа муабети за дубари. Секако, имам разбирачка дека мандатарот е принуден на компромиси, согласно пратеничките математики. И тоа е она што, од друга страна, ќе ги прави поодговорни. За разлика од тие што сонуваа 61 пратеник за да прават што сакаат.

И додека не проработи владата на премиерот Заев (треба да се навикнеме на новите „титули“), ај уште троа да се позанимавам со груевци. Немало да ги повторат грешките што СДСМ ги правеле како опозиција, мртов сериозен порача Илија Димовски. Непоправливи се! Јас, пак, сакам да верувам дека новата власт нема да ги повтори – не грешките, туку идиотштините што ни ги приредуваше ДПМНЕ од позиции на апсолутна власт.

Ако ги тргнеме сите оние ветувања за бесплатно ова, поддршка милионска на она, што за обичниот граѓанин значи многу, сакам да не се занемари големата слика. Заробените институции од една партиска врхушка, да не го сменат само окупаторот. Фино звучи што Заев се заложи да нема реваншизам, но убедена сум дека членовите на злосторничкото здружение од претходната власт ќе ја прогласат и правдата за реваншизам. Тука не треба да има компромис.

Да, Груевски е нокаутиран, ама уште не и груевизмот. Тој толку долго траеше, успешно переше пари, мозоци и биографии, што за стотина илјади ненормалното е демократија. Метафорично, како кога дивите животни што израснале во Зоолошка градина наеднаш ќе ги пуштите од зад решетки. Тешко ќе се снајдат затоа што решетките им станале природен амбиент. Враќање на нормалноста затоа е ПРИОРИТЕТ.

Еве, и пастирот никако да се навикне дека не е премиер. Тој уште шета на градилишта, талентите му рапортираат… Може Заев да го земе за министер со ресор – пуштање објекти во употреба (по неколку пати), удирање лопата за изградба… Знаевме дека имаше дузина политички мотивирани апсења и судски процеси, ама се истакна и со „политички мотивирано отворање објект“ како Филхармонија недовршена.

Да сме на чисто, „Фокус“ ќе остане да биде коректор и на оваа власт. Но, за првпат нема да биде сојузник со една опозициска партија, која како власт беше оригинал злосторничко здружение. Која сотре стотици семејства од алчност и поради одмазднички настраности. Која ги урниса СИТЕ институции… сите буквално. И по сите бомби и снимки, крвави собраниски настапи и полициски млатења пратеници, верниците му се поклонуваат на Капото. Енде!

Кога во 1995 година, Никола Младенов го основаше „Фокус“, потсмевајќи се со стариот еднопартиски режим, го прогласи за „неделник на внатрешниот, а богами и надворешниот непријател“. Иронијата стана реалност токму во груевизмот. Никола замина од овој свет во контроверзна сообраќајка! Ни една телеграма на сочувство не испратија. Уште нѐ проколнаа затоа што фондацијата Сорос го помогна рестартот на „Фокус“. За утеха, и пред тоа бевме предавници по нивен психопатски аршин.

Значи, ние продолжуваме „За нештата да станат појасни“. Ако „Фокус“, не дај Боже, стане провладин медиум, тогаш и не треба да постои! Оти ако власта станала толку демократска, не ни личи да бидеме Латаси и Мирки! Ако овие, пак, режимски евергрин егземплари станат поддржувачи на владата на Заев, тоа ќе биде прв аларм дека власта оди во лош правец!

 

 

 

Поврзани новости