Дваесет и пет заболени од мали сипаници, заклучно со 3 август, се регистрирани на територијата на Дебар, објави на својата веб страница Институтот за јавно здравје на Република Македонија.
Првите девет случаи беа регистрирани на 17 јули, кога беше прогласена епидемија на мали сипаници во дебарско.
Од ИЈЗ посочуваат дека заболените се на возраст од седум месеци до 45 години. Од вкупниот број заболени, 44 отсто се припадници на ромската популација, 40 отсто се од албанска, осум отсто од турска, четири отсто (еден заболен) од македонска националност и за едно лице нема податок.
Од заболените во епидемијата за 16 лица има лабораториска потврда, а девет случаи е утврдена епидемиолошка врска. Од лабораториски потврдените случаи, 68,8 отсто се невакцинирани или се некомплетно вакцинирани, а 31,2 отсто се вакцинирани со две дози на вакцина против мали сипаници.
Од ИЈЗ информираат дека со цел да се намали можноста за ширење на заболувањето спроведено е епидемиолошко истражување на секој поединечен случај на мали сипаници од страна на локалните епидемиолози, проверен е вакциналниот статус на сите заболени лица и нивните контакти, а на контактите на заболените лица кои не се вакцинирани или се некомплетно вакцинирани препорачана им е вакцинација со МРП вакцина, до комплетирање на вакциналниот статус, соодветно на возраста.