За неколку дена ќе се знае дали пензионерот од Битола кој се врати од Занзибар е инфициран со јужноафрикански сој на вирусот

by fokus

Од Специјализираната болница за нефрологија во Струга утре ќе испратат материјали во МАНУ, за да се направи типизација и да се знае дали пациентот кој е хоспитализиран кај нив и е позитивен на Ковид-19, е инфициран со новиот јужноафрикански сој на вирусот, изјавиле од болницата за електронскиот медиум сдк.мк.

Веста дека во болницата е хоспитализиран позитивен битолчанец на возраст од 65 години, кој со сопругата се вратил од Занзибар, ја вознемири јавноста, бидејќи во регионот веќе се регистрирани случаи на јужноафриканската мутација на вирусот, и тоа кај лица кои патувале во Занзибар. Позитивна е и неговата сопруга.

Според директорот на болницата, д-р Александар Попоски, пациентот бил изолиран во посебна соба.

“Фокус” вчера објави за големиот интерес на нашинците за туристичките аранжмани во Занзибар, Танзанија. И покрај препораките на здравствените власти во регионот, да не се оди на ризични патувања, кај нас нема никакви рестрикции кога е патувањето на оваа дестинација во прашање.

Според туристичките агенции со кои стапивме во контакт, интересот за Занзибар е голем, веќе имало неколку тури во февруари, а најавени се и нови, во март. За влез во Занзибар не бил потребен негативен тест на корона вирус, како и за враќање назад во Македонија. Цената за аранжман од девет ноќевања, односно 11 дена, изнесувала околу 1.000 евра по лице.

Вики Клинчарова

Поврзани новости