За навреда и клевета да се одговара и за негативно мислење?

by fokus

За навреда и клевета да се одговара и за објавување на негативно мислење, предвидува Предлог законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета којшто го предлага Владата, преку Министерството за правда, а деновиве влезе во собраниска процедура.

– За навреда одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, со изјава, содржина, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази омаловажувачко, понижувачко или негативно мислење, стои во спорниот став од членот 6 во Законот.

Овој член отвори дилеми во јавноста дали за навреда ќе се одговора за секоја изнесена или објавена критика.

За овој став од Законот на Твитер реагираше и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.

-На Комисијата за европски прашања од Министерството за правда стигна предлог законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Власта бара за навреда да се одговора и со изразување на негативно мислење! Одговорност за мислење? Што е следно полиција за мисли?, напиша Лефков.

Во разговор за Фокус тој вели дека партијата се согласува со делот од Законот во којшто се предвидува намалување на паричната казна, но најавува дека ќе поднесат амандамни на овој став од Законот. Законот е се уште во прво читање, а на оваа Комисија бил на дневен ред во четвртокот.

Целта на подготовката на овој закон беше драстично да се намалат казните за новинарите и уредниците за навреда и клевета.

Според актуелниот закон, новинар можеше да биде казнет за навреда и клевета со максимум 2 000 евра, 10 000 за уредникот и 15 000 за правното лице.

Со новите измени се предвидува судот да да не може да досуди поголема сума од 400 евра за новинар и 2000 евра за уредник, а медиумот не повеќе од 5.000 евра.

Според неофицијални информации од оние кои учествувале во преговорите и изработката на текстот на предлог – законот, најверојатно се работи за превид којшто би требало да биде коригиран со амандмани.

Фокус побара одговор и од Министерстото за правда од каде рекоа дека ќе достават во текот на денов.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости