За нашите деца

by Фокус

Детето станува разочарано, се повлекува во себе со својата болка и почнува да сонува за живот што не е нормален во развиените земји, ама е нормален во Македонија. Затоа што детето го гледа својот родител – дипломиран правник, економист, млад лекар, и гледа дека, и покрај дипломата и вложениот труд и квалитети, останува на дното

Пишува: Гордана ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА

Немилите настани во соседна Србија нè вознемирија сите. Колку и да се трудиме да ги заборавиме како случување, едноставно е невозможно.

Како родител, секој ден си ги поставувам истите прашања: како да воспиташ дете во овој свет? Како да воспиташ дете на Балканот, каде што криминалците се ѕвезди, а чесните и заслужни граѓани никој не ги споменува?

Каде грешиме? Зошто се доведовме до ваква состојба и дали нешто може да се промени?

БОРБА ЗА ЛИЧЕН ИНТЕРЕС

Колку и да си мислиме дека економската состојба нема многу влијание, јас, сепак, ќе заклучам дека сè се случува токму како последица на истата. Уништеното образование, исто така, е резултат на економската состојба.
Затоа што стручните кадри во најголем дел работат во приватниот сектор, а просторот за управување со државата останува на некомпетентни кадри, кои, освен што уништуваат, ништо друго и не знаат.

И секако, клучно во Македонија, во сите години на независност е борбата за личен интерес. Секоја чест на исклучоците за кои верувам и знам дека ги има. Сѐ додека личниот интерес е премногу далеку од оној заедничкиот, напредок нема да има.

Се прашува ли некој што размислуваат родителите што се со пониски примања и колку продуктивно можат да се посветат на своето дете? Се прашува ли некој за нивната болка кога детето доаѓа дома и бара нови патики затоа што други деца го задеваат, а родителот не знае како да купи храна, а не, пак, нови патики?

И додека живее со таа болка се појавува министерот за економија, кој вели дека Македонците јадат најевтина храна. Притоа убедува дека инфлацијата е ставена под контрола.

За жал, инфлацијата сè уште е двоцифрена, но болката е што никако не се намалуваат цените на основните прехранбени производи. Токму оние кои најголем дел од населението во Македонија одвај ги купува.

И си го поставувам прашањето: дали цените се најевтини кога ќе ги споредиш со министерска плата или, пак, со платата на обичниот граѓани? Ако е така, јасно е зошто 33 денари леб на плата од 150.000 денари и на плата од 21.500 или пензија од 17.000 денари има голема разлика. Нели?

Чисто за споредба, министерот со својата плата може да купи 4.545 леба а луѓето со минимална плата можат да купат 651 леб. И вака може да ги редиме сите производи и пак резултатот ќе е ист.

Затоа што најголемиот дел од населението има плата блиску до минималната и со две минимални плати не може да ја покрие основната потрошувачка кошничка, која за месец април е околу 50.000 денари.

НАСОЛЗЕНИ ОЧИ

Сè уште не можам да се начудам каде министерот за економија виде намалување на инфлацијата и дека таа е ставена под контрола. Податоците на Државниот завод за статистика велат дека инфлацијата на храна и безалкохолни пијалаци сè уште е над 20 отсто.

Народот, освен да купи храна, нема пари за друго, што значи дека таа инфлација со која се фали од 13 отсто важи за него, но не и за сиромашните граѓани.

Додека јас се чудам, се чуди и народот, се чудат и сите родители, кои само со насолзени очи можат да кажат: „Сине, ќе се потрудиме да купиме патики можеби следниот месец“.

Детето станува разочарано, се повлекува во себе со својата болка и почнува да сонува за живот што не е нормален во развиените земји, ама е нормален во Македонија.

Затоа што детето го гледа својот родител – дипломиран правник, економист, млад лекар итн. и гледа дека, и покрај дипломата и покрај вложениот труд и квалитети, останува на дното. Да е некаде во Европа, ќе биде различно.

И тогаш почнуваат децата да се делат. Една група што се бори од петни жили да заврши и да замине да ја напушти Македонија, втората, која уште верува дека ќе дојдат подобри времиња и уште една група, која смета дека корупцијата и криминалот се единствениот пат.

А што да одговори родителот? Тој само молчи, се повлекува затоа што се плаши дека утре може да добие прашање: кога ќе купиме нови панталони?

За една сосема друга група родители нема многу да пишувам. Најголем дел од нив трчаат по кариера и остварување на своите соништа, ама преку децата.

Но. тие кај нас ги има помалку затоа што бројот на лица што живеат на работ на сиромаштијата во Македонија расте од година во година.

А како расте сиромаштијата, се враќаме на почетокот, сè почесто нема да се купат нови патики и сè почесто ќе гледаме насолзени очи на родители.

Затоа, одлуката за нашата иднина е во самите нас и наша е одлуката дали ќе продолжиме да плачеме или конечно на нашето лице ќе се појави насмевка, која нашите деца ќе ја видат и така ќе градиме поздраво општество.

(Авторката е потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ)

Поврзани новости