Законот за високото образование определува што подразбира поимот „импакт-фактор“, а тоа се неколку комерцијални рејтинг-бази на академски списанија, кои ја регистрираат цитираноста на списанијата и статиите внатре во самите нив (секоја база за себе одделно). Во своите последни измени и дополнувања, Законот за високото образование („Службен весник на Република Маке-донија“, бр. 15/2013) ги именува базите чиј фактор на влијание треба да се вреднува при изборите, реизборите и акредитирањата за ментори и менторки.
Базите се посредувачки, односно не се создадени, ниту се сопственост на академските издавачки куќи. Зад нив не стојат меѓународни научни тела, релевантни национални и меѓународни асоцијации, академска заедница, која би доделила научен легитимитет на рангирањето. Квантитетот на цитираноста, сам по себе претставува мерило на научната вредност на трудот. Станува збор за комерцијални бази – наједноставно речено: компании што се вградени во Законот: Emerald, Scopus и Thomson Reuters. Привилигирањето на определени бизнис субјекти со слово на Законот е спротивно на самата дефиниција на поимот „закон“, кој треба да ги определува принципите на дејствувањето колку што е можно погенерички, поуниверзално, а не да се заснова на постоењето и работата на конкретни и контингентни бизнис субјекти. Ги нарекуваме „контингентни“, затоа што е прашање на историска контингенција дали веќе утре ќе постојат или, ако постојат, дали воопшто ќе поседуваат референтност.
Значајно е да се напомене, дека ниту една од глобално релевантните издавачки куќи, какви што се, на пример, Sage или Palgrave MacMillan, не учествува во овие посреднички бази и поседува свои, кои не ја индексираат цитираноста. За целите на ова истражување направивме проверка на присуството во базите на индексирање на списанијата од општествените и од хуманистичките науки издавани од штотуку споменатите куќи, како и од уште некои други: Routledge, Oxford University Press, Edinburgh University Press. Не пронајдовме, буквално, ниту едно од нивните позначајни списанија од областите што нè засегаат во оваа анализа. Значи, не само што е проблматично самото привилигирање на деловни субјекти во рамки на еден закон туку и, кога станува збор за општествените и за хуманистички науки, овие три комерцијални бази споменати во последните измени и дополнувања на Законот за високото образование не се ни најмалку референтни.
Референтноста, пак, во поглед на цитирањето и точноста на сликата за релевантност на определена студија или списание, што ја поседуваат овие бази е крајно проблематична. Се мери цитирањето на трудовите на списанија присутни внатре во базите, додека разните комбинаторики на заемно цитирање на издавачите и авторите се појава што сериозно ја поткопува секоја претензија на релевантност на овие бази и нивните индексирања.
Од овие причини, како и од причини што определени дисциплини по самата своја природа и нивната улога во глобалната пазарна економија – а не и на „пазарот“ на научната иновација наложуваат поголема цитираност на списанието од областа и претпазливо [наш курзив] – за мерење и споредување на влијанието на цели списанија, но не и за вреднување на поединечните трудови и, секако, не за вреднување на истражувачите и истражувачките програми“ 1. Советот за финансирање на високото образование на Англија ги потсети Панелите за оцена на истражувачката успешност на универзитетите и поединечните истражувачи дека се должни да го оценуваат квалитетот на секој од трудовите независно од угледот на списанието во кое е издаден. 2. Германската фондација за наука во 2010 издаде слична, па и построга препорака, а, исто така, и Националната научна фондација на САД.
Кога ќе се споредат политиките во поглед на феноменот „импакт-фактор“ во Македонија со оние на развиените академски средини, станува очигледно дека овие вториве настојуваат по пат на препораки и подзаконски акти да се заштитат од академската произволност на базите, додека кај нас се фаворизираат како неприкосновен критериум.
Конечно, привилигирањето објавување статии наспроти книги е во целосна спротивност со општоприфатените скалила на вреднувањето на категориите труд во општествените и во хуманистичките науки. Имено, во овие области, за разлика од природните и од техничките науки, најзначајно постигнување е издавањето монографија, а не статија што се сведува на извештај од спроведено истражување.
Очигледна е претпазливоста на државата во поглед на критериумите, па и на интегритетот на академската заедница, чии претставници треба заемно да го вреднуваат сопствениот труд. Доколку оваа претпоставка е точна, можеме да заклучиме дека законодавецот прави обид да ги обезбеди критериумите на развиените академски средини по пат на закон и, со тоа, да жртвува дел од академската слобода и автономија во име на унапредување на истражувачката извонредност.
Со ова се прави наивен и недоречен потег од гледна точка на градењето ефектни политики – обид бирократски и технички да се обезбеди унапредувањето на академската продукција во Македонија. Наивитетот се состои во претпоставката дека постојат универзални параметри, кои функционираат неприкосновено непристрасно, по пат на автоматизирани „детектори на академската вредност“ – во случајов базите Emerald, Scopus и Thomson Reuters. Сакале или не, арбитрарноста е неизбежна компонента во вреднувањето на што и да е. Академското вреднување претставува вреднување на создавањето знаење, кое е секогаш, според својата природа, непредвидливо во поглед на крајните резултати на неговата вредност и значајност, знаење што е производ на експеримент и ризик. Специфичноста на вреднувањето што треба да се спроведува, наложува неговите критериуми да ги воспоставува, а судовите да ги носи, заедницата на зналци. Со други зборови, рецензиите и специфичните критериуми, кои комисијата или институцијата ќе ги воспостави, мора да бидат главната алатка на процената.
Ако законодавецот има цел да го реши проблемот со парохијалноста, локалната самодоволност и сојузништвото во заемното промовирање на просечноста поради кариеристички конформизам, тогаш препорачуваме наместо вградување контингентни категории во Законот (како називи на бази на цитирање), овозможување на:
• подигање на критериумите за академска извонредност по пат на обуки на академскиот кадар, што учествува во рецензиските процеси, кои ќе ги спроведуваат академски лица од високоразвиени научноистражувачки и високообразовни средини;
• враќање на автономијата на воспоставување критериуми на вреднување назад во рацете на академската средина, придружено со законско решение што пропишува формирање тела за формулирање правилници за избори и реизбори, во кои ќе учествуваат барем една третина претставници на високоразвиените академски заедници во Европа;
• бришење на членовите од законите за наука и за високо образование што ги воспоставуваат цитирањата во базите на индексирање и бројот на статии како критериуми на избор и вреднување на научните работници;
• воведување поопшти, генерички критериуми како „издавање трудови во меѓународни списанија на еден од следниве светски јазици […]“ и/или „издавање трудови во меѓународни списанија надвор од регионот на Југоисточна Европа“;
• општите критериуми од Законот да стимулираат високи стандарди, кои поконкретно ќе бидат преточени во правилници на институциите, кои нужно ќе се сообразат со овие стандарди;
• да се препознае и да се уважи посебноста на општествените и на хуманистички со тоа што ќе се овозможи повисоко вреднување на монографијата во споредба со статијата во списание;
• да се овозможи воведување добри академски практики и стандарди на извонредност и од други напредни академски средини во Европа, како француската и германската, наспроти привилигирањето на англосаксонската.
Катерина Колозова, универзитетски професор
(Извадок од студијата ИСТРАЖУВАЊАТА во општествените науки во Македонија: Состојби, предизвици и препораки, Скопје: РРПП порграма, 2013)