Одлуката на Апелација за случајот „Ликвидација“ ќе биде соопштена по празниците

by fokus

Иако одлуката на Апелација за судскиот случај „Ликвидација“, во кој  му се судеше и на новинарот Томислав Кежаровски, е донесена уште пред три недели, сепак од судот не информираа дека најверојатно ќе биде објавена по новогодишнните празници.

-Одлуката се уште се пишува, а најверојатно ќе биде објавена по празниците, изјави за „Фокус“ судијата Сафет Кадриу.

Тој неодамна објасни дека одлуката не може да се објави, пред истата да биде верифицирана, за што пак има рок од 60 дена од донесувањето. Семејствата на обвинетите во случајот, пак, коментираат дека едвај го преживуваат овој период исполнет со неизвесност. Сакаат што поскоро да ја дознаат одлуката на второстепениот суд.

Апелација може да донесе одлука да ја укине првостепената пресуда и да го врати случајот од почеток, да ја преиначи или, пак, да ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје 1.

Кежаровски, според првостепената пресуда беше осуден на 4,6 години затвор, бидејќи, според судот, го открил идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“, и тоа дури пред пет години. На ваквата пресуда реагираа домашните и меѓународните организации.

-Новинарските текстови немаа за цел да го откријат идентитетот на заштитениот сведок, туку да разоткријат нечии валкани игри. Текстовите ги пишував воден од вистината, па затоа тврдам дека не сум виновен. Сите објавени информации се од јавен интерес, истакна Кежаровски на јавната седница во Апелациониот суд, кој додаде дека полесно ќе поминел доколку го прегазил заштитениот сведок на пешачки премин, па тогаш, според него, немало ниту да биде во притвор, ниту да лежи во затвор.

Во истиот случај судијата Иле Танев беше осуден на 2,6 години затвор, поранешниот истражен судија Валентин Зафиров на 5,6 години затвор, обвинителот Ивица Ефремов на 4,6 години затвор, пензионираниот врховен судија Борис Николовски и адвокатот Сашко Лазаров на една година, а по 1,6 година добија Јане Павловски – Тица  и Сабедин Џини- Хофман.

 

Поврзани новости