Сакав да пишувам за различни придонеси во политиката, кој колку и како придонесува за идејата за која добил мандат, но за инает на параноичните, а и во недостиг од анализа за последните мерки на владата, освен одличната анализа на професор Тевдовски, ќе се обидам да дадам едно мое размислување.
За придонесите многупати сме зборувале во Собрание. Притоа, не е некоја сатисфакција што бевме во право кога уште во 2007-ма предвидувавме што ќе се случи. Со голема грижа при воведувањето на квази бруто-платата, тогаш предупредувавме дека буџетот на ПИОМ ќе пропадне ако нема реализација на планот за зголемување на бројот на вработени за 4 проценти.
Без разлика колку вештачки надодаваат, поточно бришат, таа проекција ниту во 2014 година не се постигна. Секогаш го употребувам зборот квази бруто зашто вработените немаат можност да изберат каков, на пример, здравствен пакет би користеле покрај еден основен што би бил подеднаков за сите граѓани.
Пред две години и Државниот завод за ревизија констатира дека: „финансиската состојба на Фондот за ПИОМ не е на завидно ниво. На финансиското работење на Фондот во 2012 година влијание имаше намалувањето на стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, како и неостварените макроекономски индикатори за зголемување на вработеноста и порастот на платите на вработените кои имаат директно влијание врз остварувањето на приходите од придонесите“.
Затоа власта секоја година го зголемува помагањето на касата на ПИОМ со буџетски средства и да не се враќаме многу назад, доволно е да се погледне дека во 2013 година, од државната каса префрлени се 344 милиони евра, а во буџетот за 2014 предвидени се 365 милиони евра и нема да ме изненади ако со ребалансот не се зголемат овие средства. Но, и тоа очигледно не било доволно, па власта смисли „генијална“ идеја и воведе придонеси за сите авторски хонорари и договори на дело. Секако, тоа, за жал, ќе важи само за домашните компании, за македонските. За странските компании државата нуди струја, интернет, плаќа придонеси, а од компаниите во Македонија зема со две раце.
Слично како и за К-15, кој важеше само за приватните компании, а не и за владата, односно за вработените во државната администрација. Приватните фирми, ем исплатија регрес за одмор, ем на државата ѝ платија 10 отсто, а државата за своите вработени ништо.
Доколку се прочита Законот, веднаш се гледаат неколку непрецизности, како на пример кои придонеси за здравство ќе се плаќаат? Поголемиот од 7,3 проценти или дополнителниот придонес за здравство од 0,5 отсто? Што се случува со придонесот за вработување од 1,2 проценти? Но, во услови кога пратениците од власта се посветени на откривање на социјалните медиуми, многу прашања останаа неодговорени.
Притоа, да потсетам и дека придонесите за ПИОМ и здравствено осигурување требаше оваа година да бидат 15 и 5 проценти, (од ветувањето од 2008), или пензиското зафаќање 17,4 отсто од ветувањето од страна 23 од Манифестот за обнова и развој во 2011. Но, бидејќи владата е свесна за дупката, тие 3 години се замрзнати на 18 и на 7,3 проценти. И кога цитира деновиве ДПМНЕ страници од изборните програми, може да одговори што се случи со ветувањето за намалување на придонесите? Патарините се зголемија зашто наводно сме излезени од кризата, но тоа не важи и за намалувањето на придонесите. Општа импровизација во водењето на економската политика.
Новите категории за плаќање придонеси се и нов удар кон новинарите и медиумскиот плурализам. За мене ова е обид за економски санкции кон неколку портали (опозициски секако), кои користат текстови од различни независни новинари. ЗНМ се најде прозван и се огласи за дриблањето меѓу нозе на Саше Политико на еден пратеник со исклучителна ниска култура на комуникација, но за овој нов удар од владата молк. Зошто, на пример, не отворат дилема што ќе се случи со еден новинар кој пишува за три медиуми. За него државата ќе земе три придонеси за ПИОМ и за здравство, но нема одговор дали ќе добие три пензии или три лекари кога ќе оди на преглед?
Секако дилемите се и за другите граѓани, нема одговор на дилемата зошто за повеќе работа некој мора да плаќа повеќе придонеси, а не данок? Зошто нешто што се вика социјален придонес се претвора во оданочување на трудот? Социјалните придонеси се врзуваат со работното место, како и пензискиот стаж, а не со неколкукратни работи што некој ги врши.
Да прецизирам, по осумчасовно работно време за кое некој плаќа социјални придонеси (здравствено и пензиско), согласно закон може и хонорарно да работи нешто да речеме четири часа. И? Сега за тој ден ќе има ден и половина пензиски стаж? За тие четири часа ќе има дополнителни здравствени услуги? Затоа можеби решение би било прогресивното оданочување на хонорарните работи, доколку државата реши да оданочува ако некој работи повеќе.
Сепак, сите овие придонеси нема позитивно да придонесот во неизвесната иднина на државата. Тие се само аспирин за еден тешко болен финансиски организам. Уште помалку позитивно ќе придонесат 500 милиони евра, тазе позајмени. А, зошто позајмени? Според премиерот Груевски не ни требале парите сега, ама каматата била толку ниска што морале да ги земат, а бе што знае дете што се 500 милиони евра, зема и носи.
Замислете како некој министер или министерка ќе си помине дома, ако дојде некој ден и каже дека иако нема потреба на пат за дома, прошол на пазар и зел кредит од 500 илјади евра зашто каматата била ниска. Иако нема двор, ќе градел базен со скулптура на Амди. Дома ќе треба да одговори кој и како ќе го враќа кредитот? И најбитно, кои аргументи ќе ги употреби за да им каже на своите деца дека токму тие треба да го враќаат тој негов каприц, додуша со најниска камата?
А, за неизвесната иднина да биде понеизвесна, очигледно е дека овие пари нема да се чуваат до идната година кога пристигнуваат обврски, за нив ќе има ново позајмување, со малку помалку историски најниска камата.