Компанијата Royal Caribbean, една од најголемите која ангажира работници од регионот за на бродови, донесе одлука во иднина да не прима лица од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Авганистан, Италија, Албанија, Казахстан и континетот Африка. Не е определено времето, до кога работниците од Балканот нема да се во центарот на вниманието на компанијата. Одлуката во Сараево ја потврдиле од агенцијата Employment Power, која е застапник за Royal Caribbean за регионот.
Иако, со точност не сакаат да прецизираат која е директната причина за ваквиот потег, од агенцијата се правдаат дека тоа нема врска со менталитетот или однесувањето на персоналот од Балканот, туку со политиката на компанијата. Сепак, имало истражување кое покажало дека работниците од околината, па и тие од Македонија повеќе не се потребни.
„Станува збор за ориентацијата на компанијата кон една врвна услуга кон своите гости, а донесена врз основа на истражувањата спроведени на нашите бродови во текот на неколкуте претходни години. Имаат таму некаква причина дека одреден дел од нациите кои работата на брод да ги намалат, односно други да зголемат“ – изјавил директорот на преставништвото кое го покрива Балканот.
Работата е толку сериозна, што и тие кои ги минале квалификациите и очекувале деновиве да почнат со работа на некој од бродовите пред ден два се известени дека им се откажува ангажманот и дека ќе им се платат трошоците за визи, обука и патување.
Во писмата, компанијата им се извинила на работниците од Македонија, но им објаснила дека тоа е нова бизнис политика и дека нема ништо лично, туку едноставно таква е одлуката на врвот.
Компанијата и нивното преставништво не известуваат колкумина сега остануваат „извисени“, особено од Македонија. Исто така, е непознато дали и тие кои во моментов работат на нивните бродови ќе бидат отпуштени пред истекот на договорите.
Инаку, преку Royal Caribbean од Македонија на брод заминуваат стотици млади. Нивните предавања и вработувања се постојани. Во посредувањето е вклучена и агенцијата Коузон од Скопје. „Фокус“ и натаму ги чека нивните одговори, колкумина од Македонија има на светските бродови, колкумина ќе бидат отпуштени и што ќе се случува со тие кои деновиве требало да заминат на работа?
Иако е ризична, сепак заработката на брод е далеку поисплатлива за младите, отколку да останат дома, особено во услови на сиромаштија и невработеност. Така, заработувачката станува приоритет при носењето одлука дали да се замине.
Опасноста на бродовите некогаш може и да се плати со живот. Тоа го потврдува примерот со Дениса Марковска од Прилеп. Во очекување на новата обдукција во Скопје и утврдување на причината за смртта, нејзиното паѓање во морските води останува мистерија.
Сепак, иако нивната врсничка е мртва, младите апликанти за работа повеќе ги загрижува одбивањето да бидат ангажирани, отколку опасноста дека заминуваат во непознато.