Од партијата Левица велат дека се против промена на уставното име. Како што велат од таму, го осудуваат недостоинственото однесување на актуелниот премиер Зоран Заев и полтронскиот однос, додаваат, на владејачката коалиција предводена од СДСМ со прифаќање на името „Република Илинденска Македонија“ за севкупна употреба.
„Левица се залага за итен и безусловен прекин на преговорите за името и отпочнување на меѓународно-правна процедура, преку Генералното собрание на Обединетите нации, за полноправно членство на Македонија под нејзиното уставно име. Во нашата историја познати се многу дипломатски гафови: намигнување, признавање на држава која не постои, врачување на акредитиви на претседател што цел свет го бојкотира – но, неодамнешниот, со предлог-придавката „Илинденска“ е меѓу подобрите гафови што долго ќе се паметат и прераскажуваат“, велат од Левица.
Наместо решавање на критичните проблеми – сиромаштијата, здравството, образованието и судството, посочуваат од таму, јавното мислење, преку аматерски и избрзани изјави на нашите самонаречени лидери, се штима да прифати губитнички позиции за името на Републиката.
„Левица е за постигнување на сериозен билатерален inter partes договор со Грција, врз основа на почитување на правото на самоопределување! Во случај на иден референдум на државно ниво, Левица ќе ја предводи кампањата против промена на името“, порачува президиум на Левица.