Миланов: Поради амнестијата на Иванов пресудите во предмети на СЈО може да паднат на повисоките судови

by fokus

Откако Врховниот суд на Грција одлучи да не ги екстрадира првообвинетите, Горан Грујевски и Никола Бошковски, во предметот на СЈО за масовното прислушување, а како причина ја наведе општата амнестија на претседателот Ѓорге Иванов, се поставува прашањето колку ваквата одлука може да влијание на судските постапки и идните пресуди по предметите на СЈО.

Адвокатот Еленко Миланов, кој застапува неколкумина обвинети од СЈО, вели дека македонските судови немаат никаква обврска да се управуваат според одлука на грчкиот Врховен суд, но дека амнестијата може да ја проблематизира било која фаза од постапките.

-Одлуката на Врховниот суд во Грција нема директна импликација на нашето законодавство. Она што е битно е дека Врховниот суд применува одредби од Европската конвенција и одлуки на Судот за човекови права. Одлуката на Грција не обврзува никого, она што обврзува се одлуките на Европскиот суд за човекови права. Во било која фаза постапките можат да биде оспорени, дали пред повисоките судови, пред Апелација, или дури и во Судот за човекови права во Стразбур. Тоа како опција постои цело време – вели Миланов.

Адвокатката Сања Алексиќ, пак, која исто така застапува обвинети од СЈО, вели дека претстои координација со колегите за тоа дали како тим од адвокати ќе побараат од судот отфрлање на обвиненијата на СЈО поради амнестијата, а како пример ќе ја наведат одлуката на грчкиот Врховен суд.

-Не постојат никакви правни пречки нашите судови да го прифатат ставот на Врховниот суд на Грција, бидејќи тоа е во согласност со конвенциите што се ратификувани од страна на Република Македонија. Оттука, треба да го имаат истиот став што го има и Врховниот суд на Грција – вели Алексиќ.

М.В.

Поврзани новости