Однесувањето на дел од филмската екипа на „До балчак“ сметаме дека е недолична и неправедна кон нас. Не постои светски фестивал кој бил вака навредуван од гостите. Доколку имало какво било недоразбирање, требало прво да ни се обратат нам за да го решиме на лице место, а не во јавноста намерно да се шират дезинформации и искривена слика за околностите. Ние како фестивал никогаш не поддржуваме тенденциозно правење скандали и никогаш нема да поддржуваме, вели директорката на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ Лабина Митевска одговарајќи на нападите на режисерот Столе Попов дека фестивалот е „селска манифестација“.
– Во таа смисла, црвениот килим некому му се допаѓа, некому не, но се трудиме да наликуваме на големите светски фестивали и „Браќа Манаки“ го правиме по тој терк. Навистина ми е жал ако црвениот килим и можноста да го претстави своето уметничко дело некој овој пат го искористи за лична промоција. Фестивалската програма е така конципирана што секоја година го ставаме фокусот на една ѕвезда. На отворањето ја имавме Жулиет Бинош и двајцата Оскаровци-добитници на „Златна камера 300“. Вториот фестивалски ден беше насочен кон филмот „До балчак“. И во двата случаи се вложивме со сите расположливи капацитети и можности – смета Митевска.
Претходно медиумите објавија снимка како Попов и Митевска се расправаат на црвениот килим вечерта на отворањето на фестивалот во присуство на претседателот Ѓорге Иванов и актерката Жулиет Бинош.